Почнува учебната година

Вкупно 20.437 деца денеска за прв пат тргнуваат за училиште. Од нив наставата на македонски јазик ќе следат 13.218 првачиња, на албански јазик 6.419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

Во средните училишта, пак, се запишани вкупно 17.364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13.349 ученици, на албански јазик, 3.765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

За компарација, во 2000 година имало 29.956 првачиња, а во учебната 2010/2011 биле запишани 22.224 првачиња.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на учебната 2015/2016 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 185.119 што претставува намалување за 1,7% во однос на претходната учебна година. Долгорочната тенденција за намалување продолжува –  за 10 години бројот на ученици во основните училишта низ Македонија е намален за повеќе од 45.000 ученици.

Министерството за образование (МОН) соопшти дека бројките за новата учебна година за основните и средните училишта не се конечни. Крајните официјални податоци ќе бидат познати во средината на септември.

Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.

МОН нагласи дека во согласност со законот, заради вршење на итни и неодложни работи, односно непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта низ Македонија. Таков е случајот во Дебар, каде учениците ќе следат настава на македонски јазик во порастеретени училници, а учениците Албанци во Куманово за прв пат добиваат можност да учат солфеж на мајчин јазик во музичкото училиште „Панче Пешев“.

Учениците од прво одделение во училиштето „Братство” во општина Карпош, пак, наставата ќе ја следат во помали одделенија, бидејќи одобрено е ангажирање на дополнителен број наставници. Ист е случајот и со учениците во општина Аеродром каде се одобрени дополнителни вработувања во одделенска настава за да се овозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески”, „Лазо Ангеловски“.

Понатаму, според МОН, се одобрени во училишта во Сарај, Ѓорче Петров, Тетово, Велес, Бутел, Струмиџа, Вељуса, Пробиштип, Липково, Чаир, Гази Баба итн.

„Во средните училишта, даваме целосна поддршка на Спортската академија за која е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и Битола. Одобрено е доекипирање со наставен кадар во средното училише во Сарај и средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари. За нас сите ученици се важни и целта на овие одобрувања на ново финансирање е да има доволно наставен кадар во училиштата“, информираа од МОН.

Што се однесува до учебниците, за оние учебници во кои се пишува, согласно закон, се склучени договори и истите ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници.

„Испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци. Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември“, рече пред неколку денови министерката Рената Дескоска.

Во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектири за основно и средно образование.

Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби, МОН испратиле барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент.

„Податоците се уште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи. Исто така, преку процес на консултација со здруженија на граѓани кои се занимаваат со прашањата за инклузивно образование, променети се два подзаконски акти кои регулираат одредени прашања од областа на образованието на децата со посебни потреби“, потенцираа од МОН.

Во однос на условите кои постојат во училиштата и ученичките домови, веќе побарано е од директорите да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во објектите.

„Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање и сл. И третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата“, најавија од МОН.

Во меѓувреме, од 15 јуни се преземени се одредени активности за санација на повеќе училишта во Сарај, Тетово, Куманово, Демир Хисар, Дебар, Ѓорче Петров, Гостивар и село Страчинци. Во село Блаце е направена реконструкција на целиот објект.

Со оглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, па МОН апелираше градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место.