Почна процесот на уставни измени, власта бара обединување, опозицијата тврди дека гласањето нема да успее

Уставните измени влегоа во собраниска процедура со денешната расправа во Комисијата за уставни прашања, каде со 10 гласа „за“ и 7 „против“ беше усвоен заклучокот за пристапување кон измена на Уставот.

Владата предлага во преамбулата после делот „…од бошњачкиот народ“, да се додадат „деловите од
бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“. Истовремено се предлага и промена во Амандманот XII од Уставот, кој се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, каде се бара промена на бројот на членовите, од досегашните 19 да се зголеми на 43.

Според премиерот Димитар Ковачевски, ако овие уставни измени не ја добијат потребната двотретинска поддршка од пратениците ќе се блокира евроинтегративниот пат на Северна Македонија.

„Најважниот политички избор ќе го направи овој парламентарен состав, по што, или сите ќе бидеме победници, или сите ќе бидеме губитници. Без разлика на изборниот резултат на следните парламентарни избори во средината на идната година. Овде не сум да убедувам. Како премиер, овде сум да посочам на значењето на стратешката шанса што е пред Република Северна Македонија и да повикам на разум во име на перспективите“, рече Ковачевски.

„Мора да се имаат во предвид пораките од нашите стратешки партнери. Од Европската Унија пораките се дека пристапниот процес за Северна Македонија ќе запре ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред во проширувањето, а нашето членство во Унијата ќе биде одложено. Тука е и недвосмислената поддршка која ја имаме од САД за членство во ЕУ и пораката дека САД ги држи за збор сите – и во земјава и во регионот – кога велат дека сакаат да ја видат државава како се движи напред во европска интеграција. Но, тука е и укажувањето дека ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против уставните измени, ако се тргне од патот од ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“, додаде Ковачевски.

Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш напоменаа дека предложените уставни измени нема да ја добијат нивната поддршка.

„Спремни сте да се инаетите до бескрај, но тој инает ќе ви се удри од глава. Овие уставни измени, кои денес ги предлагате, ги водите спротивно на законите и спротивно на здравиот разум. Затоа овие уставни измени ќе удрат во ѕид. Бидејќи пред ѕидот е македонскиот народ. (…) И не се обидувајте да правите нови поделби – кој бил проевропски, кој не. Не се обидувајте да етикетирате и да делите на било каков начин. Тоа веќе не поминува“, рече пратеникот Никола Мицевски, кој е координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната комисиска седница беше вовед во првата фаза од уставните измени. За да се пристапи кон следната фаза ќе биде потребно двотретинско мнозинство од пратениците на пленарната седница закажана за 18 август.

Доколку се стигне до двотретинско мнозинство, што со оглед на моменталните ставови на пратениците изгледа многу тешко да се случи, се преминува на втората фаза во која се утврдуваат нацрт-амандманите за што е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници – 61 глас.

Потоа, овие нацрт-амандманите одат на јавна дискусија, се финализираат како предлог-амандмани и се враќаат во Собранието каде почнува третата фаза каде за усвојување на амандманите повторно треба двотретинско мнозинство, односно поддршка од најмалку 80 пратеници.

Даниел Евросимоски