С. Македонија ги започна преговорите со Европската Унија

Со одржување на првата меѓувладина конференција во Брисел денеска официјално започнаа преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека со овој чин земјава ја започнува последна етапа од долготрајниот пат за евроинтеграција.

„Денешниот ден е историски за нас. Долго очекуван и заслужен. После 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници долги години посветено работеа. Сите тие имаат свој удел во тоа што досега сме го постигнале“, изјави Ковачевски во воведниот говор на конференцијата.

„За остварување на оваа стратешка цел ние направивме многу. Донесовме мудри, храбри, државнички одлуки, во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и сите граѓани за мене е најголем чист на патриотизам“, додаде премиерот.

Претставниците на Унијата најавија дека веднаш започнува процесот на скрининг, првата подготвителна фаза од преговорите, преку која ќе се утврдува колку македонското законодавство е усогласено со законите на ЕУ.

„Го чекавме овој момент прилично долго време. Дозволете ми да ви честитам за напорната работа во изминатите неколку години. Гласањето во Собранието во саботата беше решителен чекор и доказ за вашата одлучност да продолжите на патот кон ЕУ, но и сведоштво за носењето на демократски одлуки во Северна Македонија. Денешната конференција е заслужено признание за напредокот кој вашата земја го постигна во унапредувањето на реформите. (…) Клучно е Северна Македонија целосно да остане посветена на овој процес. Да се измени Уставот за да се унапредат и понатаму фундаменталните права и со тоа ќе одржиме уште една меѓувладина конференција без дополнителни одлагања и политички одлуки“, рече еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Северна Македонија аплицираше за членство во ЕУ уште во 2004 година, а кандидатски статус доби следната година. Во 2009 година стигна првата препорака на Европската комисија за отворање на преговорите, но земјава не можеше да го продолжи евроинтегративниот пат во следните 13 години поради противење, првично на Грција, а потоа и на Бугарија. Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство на Бугарија се клучните документи кои ги одблокираа македонските ЕУ аспирации, а овие две одлуки беа донесени по долги преговори и со противење од значителен дел од македонската јавност.

Сепак, преговорите со ЕУ и понатаму остануваат условени, овој пат со барањето на Бугарија за додавање на бугарскиот народ во Уставот на Северна Македонија. Без исполнување на оваа обврска, за која во моментов нема политичка волја во Собранието, земјава нема да може да ги отвори поглавјата преку кои постепено треба да се прилагоди македонското право и институции за членство во ЕУ.

Паралелно денеска ЕУ ги започна преговорите и со Република Албанија. Пред одржувањето на меѓувладината конференција, премиерите Ковачевски и Еди Рама се сретнаа со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка, Петр Фијала како претставник од чешкото претседателство.