Борел и Вархеји: Владеење на правото и уставни измени за побрз влез на С. Македонија во ЕУ

Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел ги издвои реформите во областа на владеењето на правото и создавањето услови за усвојување на уставните измени како главен фокус за продолжување на пристапните преговори со Северна Македонија.

На денешниот состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, кој се одржа во Скопје, претставниците на ЕУ потенцираа дека оваа година е клучна за евроинтеграциите на земјава.

„Нашата денешна средба беше добра можност да видиме што беше направено од Северна Македонија во исполнување на неопходните политички и економски критериуми за пристап. Дискутиравме каде треба да се вложат дополнителни напори и какви задачи престојат, особено во поглед на сферите на владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Но, главната порака од денешниот состанок на Советот е дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани се наоѓа во Европската Унија. Бидејќи само заедно ќе бидеме посилни во справување со предизвиците на тешката геостратешка состојба со која се соочуваме“, рече Борел.

Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, нагласи дека е оптимист дека С. Македонија може да стане членка на ЕУ до 2030 година, но дека тоа зависи од тоа колку земјава ќе испорача од реформите и преземените обврски во евроинтегративниот процес.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека на состанокот добиле уверување дека Европската Унија ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на С. Македонија.

„Сета работа на Владата е поставена на линија на европската агенда и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата, веруваме дека Република Северна Македонија во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат, по успешно завршениот скрининг процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и С. Македонија вообичаено се одржува во Брисел или во Луксембург, а ова е првпат ваква средба да се одржи во Скопје.