По 20-ти пат денеска на ФЗФ се одбележува Светскиот ден на филозофијата

Денеска (16 ноември), од 10 часот, Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 20. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата.

Овој ден, востановен од УНЕСКО, традиционално се одбележува третиот четврток од месец ноември и се слави низ целиот свет, потенцирајќи ги вредноста и придобивките на филозофијата.

Организаторите најавуваат дека оваа година има исполнета програма со бројни настани кои ќе се одржат на Филозофскиот факултет при УКИМ. Стожерен дел е симпозиумот насловен „АДАМ СМИТ: 300 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО“ на кој ќе земат учество осум (8) истакнати филозофи, професори и истражувачи, поделени во две сесии: Љубомир Гајдов, Радомир Виденовиќ (Србија), Денко Скаловски, Стивен Фридман (САД), Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Куштрим Ахмети и Игор Поп Трајков. Свеченоста ќе биде отворена со поздравна реч на деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и раководителот на Институтот за филозофија, проф. д-р Ана Димишковска.

На настанот традиционално по седми пат ќе настапи квинтет гитари на студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. м-р Дарко Багески, коишто ќе изведат пасажи од Жизмонти, Пиацола и Бах. Кулминација на свечениот дел ќе биде доделувањето на нововостановената наградата „Константин Философ“ за животно дело, која што ќе му биде врачена на академик Ферид Мухиќ.

Првото чествување во земјава датира од 2004 година (18-19 ноември) кога се одржа дводневен симпозиум  со наслов „ФИЛОЗОФСКАТА, ПОЛИТИЧКАТА И ПЕДАГОШКАТА МИСЛА НА ЏОН ЛОК“. Настанот започна со првата Беседа за филозофијата, којашто тогаш ја одржа академик Георги Старделов (1930-2021). Богатата програма содржеше и промоции на неколку значајни публикации – „Искушението на естетичкиот ум — 20 век“, „Балканска естетика“ и „Angelus novus“ од Старделов; македонскиот превод на „Оглед за  човечкиот разум“ од Џон Лок (превод од англиски јазик: д-р Дејан Ничевски), како и „Филозофски текстови – избор“ од проф. Јонче Јосифовски (двете последни книги во издание на „Аз-Буки“).

Повеќе информации со деталната програма, апстрактите на учесниците на симпозиумот, програмата за концертот, можете да најдете на следниот ЛИНК.