Ферид Мухиќ прв добитник на наградата „Константин Философ“ за животно дело

Академикот Ферид Мухиќ е првиот добитник на наградата „Константин Философ“ за животно дело која ја доделува Филозофското друштво на Македонија.

Комисијата во состав проф. д-р Мирко Ѓошевски, проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска одлуката ја донела едногласно.

„Комисијата може да се повика на бројните признанија кои академик – професор д-р Ферид Мухиќ ги има добиено во Македонија и во странство. За него и неговите дела досега е пишувано, се пишува и ќе се пишува од автори со авторитет и перо. А треба да се има на ум дека квалитативната анализа на опусот на Ферид Мухиќ не е ни малку лесен и едноставен потфат. Станува збор за автор кој е филозоф научник, филозоф поет и писател, филозоф учител и утешител“, стои во образложението на Комисијата.

Ферид Мухиќ (1943) е еден од доајените на македонската филозофска мисла. Магистрира и докторира на Универзитетот во Белград, а целиот свој својот работен век го поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје каде што предава голем број предмети. Под негово менторство се одбранети десетици дипломски, магистерски и докторски трудови од областа на филозофијата. Бил визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот, како што се Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот Сиракуза во Њујорк, Универзитетот Сорбона 8 во Париз, Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур итн. Член е на две академии: Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ), на која и е прв претседател, како и на Европската академија на науки и уметности. Има објавено импозантен број трудови од сферата на филозофијата и на книжевноста, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата филозофија. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на англиски, арапски, германски, турски, албански, италијански и други јазици.

Наградата на Мухиќ свечено ќе му биде врачена на 20. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, на 16 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.

Годинава Филозофското друштво на Македонија ги востанови наградите „Константин Философ“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023 год., а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври.