Ѓорѓи Пулевски: Темите што ги мачеле Сартр и Ками, денес ги мачат Теренс Малик и Бела Тар

„Врската помеѓу филозофијата и филмот е фасцинација на голем број филозофи од Бергсон и Делез па сѐ до Бадју и Жижек денес“, вели Ѓорѓи Пулевски, координаторот и продуцент на овогодишното издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ).

Со него разговаравме за филмот како механизам за размислување, младите и филмот и Годар, кој е во фокус на тринаесетото издание на ФФФ.

За Пулевски, филмот, исто како филозофијата – претставува концепти, инспирира, ги обликува нашите мисли и поставува прашања.

„Тие имаат органско цврста врска; често се занимаваат со универзалните човечки прашања, општествените проблеми, метафизиката, субјективитетот, естетиката и етиката. Само што преку визуелниот филмски јазик на еден непосреден начин сите овие елементи се перцепираат и дигестираат полесно. Но сепак, на крајот на денот, есенцијалните двојби и пораки и од филозофијата и од филмот се испреплетуваат едни со други. Истите теми што ги мачеле Сартр и Ками, денес ги мачат Теренс Малик и Бела Тар“, вели тој.

Зборувајќи за моќта на филмот, Пулевски истакнува дека филмовите, исто така можат да бидат механизам за полемика и размислување, дополнувајќи дека добриот филм го размрдува критичкото, креативно промислување на стварноста и остава трага во нас и по спуштањето на завесата.

„Мене ми е блиска теоријата дека идеите во одреден момент имаат материјален ефект на реалитетот. За ваквата концепција да земе замав, филмот треба да служи како еден вид на огледало, на рефлексија, за да станеме свесни за нашите ставови и постапки, било да се тоа промена на нашите навики за околината, за послабите од нас или за самите нас лично“, забележува тој.

Пулевски вели дека многу е тешко да се остане рамнодушен откако ќе се погледнат „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ на Мунџиу или „Шоа“ на Ланцман, но забележува дека како се зголемува потенцијалот на филмот да интервенира во денешниот свет, така се зголемува и отпорот и опресијата против таа интервенција, посочувајќи на тоа што се случувало со „Црнобранашите“.

„Денес го имаме познатиот ирански режисер Џафар Панахи кој оваа година за прв пат по 14 години излезе од неговата земја поради казната што ја отслужуваше. Имаме и посериозен пример со филмот ‘Роднината Анхелика’ на шпанскиот режисер Карлос Саура по чиешто премиерно прикажување вo 1974 година, буквално имаше бомбардирања на кино-сала бидејќи во него режисерот за прв пат во Шпанија ја претстави Шпанската граѓанска војна од гледна точка на губитничката републиканска страна“, истакнува Пулевски.

Сепак, тој додава дека вакви случаи, дела и режисери стануваат се’ поретки, но вели дека сепак е тоа духот на „неолибералното време“, и сѐ што би рекол понатаму би звучело „прилично бумерски“.

„Откако го споменав Карлос Саура, чест ми е што може да споделам дека еден негов друг филм – ‘Змија во пазувите’ ќе е дел од овогодинешната Ревијална програма на фестивалот. Токму Ревијалната програма: филм-философија во Летното кино ‘Мирно лето’ на Кинотеката со години го претставува ‘јадрото“ на Филозофскиот филмски фестивал – преку синергија на филмот и философијата, преку критички дијалози и различно исчитување на безвременските филмови. Пред или после филмовите, истакнати професори, режисери, филмски работници ни ја презентираат нивната перспектива на овие светски ремек-дела, а публиката ќе има можност да се вклучи и да ја збогати дискусијата.

Филмот е класно прашање

Зборувајќи за интересот кај младите за филмот, Пулевски вели дека уште од самото основање на филмот како уметност – неговото влијание е најсилно меѓу младите, а посочува дека тоа може да се види во филмското влијание врз нивниот сленг, мода, субкултури, идоли, политичка, па и социјална дружба.

„Филмот посебно кај младите може да послужи како клуч кој отвора врата за дел од темите што можеби вербално не се зборуваат ни јавно ни приватно, но на филм може да се видат, контемплираат и станат камен на зближување, а не сопнување. Дефинитивно филмот е една од најрецептивните уметности и тие слики што се движат се многу моќна алатка за изразување помеѓу младите. Тоа најлесно може да се види по интензивното присуство на помладите на социјалните мрежи во кои претежно се комуницира со фотографии и кратки видеа“, вели тој.

Филозофски филмски фестивал

Пулевски посочува дека денес, десетгодишни деца технички знаат да „прото-монтираат“ преку користење на технологијата, достапноста на софтвер и туторијали на интернет.

„Но, сепак, покрај големиот интерес кај младите, филмот е и класно прашање и бидејќи е многу скап проект останува недостапен за голем број на ентузијасти. Низ фестивали, и неофицијални канали сум запознал многу ‘отпадници’ кои снимаат сами, сонуваат, експериментираат, прават fundraisings, ама за еден посериозен продукт дефинитивно треба голема поддршка. Сепак, останувам оптимист во методот за распределбата, инклузивноста, демократичноста на системската поддршка и стратегија за филм и кај нас и во регионот за да гледаме почесто филмски проблесоци кои ќе се наоѓаат во жижата на вниманието на големите светски фестивали“, смета тој.

Кога станува збор за тоа каде најсилно се јавува потребата за филмски фестивал кој истовремено нуди и образовна програма, Пулевски посочува дека е поборник за стимулирање на критичка писменост и реобсмислување уште од најмали нозе, бидејќи, нагласува тој, сите ние уште од мали се занимаваме со егзистенцијалните прашања, колку чудно тоа и да звучи.

Токму неговите филмски почетоци и неговата прва соработка со Филозофски филмски фестивал се случува во 2016 година, кога преку дебатното кино „Контра кадар“ се случува проекцијата на турскиот филм „Касаба“ и дискусија со Дејан Здравков, селекторот на краткометражната програма на Филозофски филмски фестивал во склоп на ФФФ Караван.

„Затоа што концептите на нашите проекти беа слични по содржина но и по партизански ентузијазам за опстојување, останавме во контакт сето ова време. Денес, ФФФ слави 13 години од постоењето, а ‘Контра Кадар’ изминатиот месец прослави 10 години и повеќе од 200 проекции и дебати. При крајот на минатата година добив понуда од раководните лица на фестивалот да ја земам улогата на главен координатор/продуцент на фестивалот и еве оваа година е моето огнено крштевање. Со години, Едукативната програма на Филозофскиот филмски фестивал, покрај филмската програма и конференцијата  во последните години, е еден од најзначајните и најсимпатичните столбови на фестивалот“, вели Пулевски.

Оваа година, програмата на ФФФ е составена од три дела – Средношколска видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија со деца, а тој посочува дека секој сегмент овозможува еден интерактивен пристап до филмската култура за учениците, преку размисли и креативно пишување на основните филмско-философски теми, како и поттикнување дијалог за значајни и егзистенцијални прашања.

Фокус Годар

Оваа година, во фокус на изданието на Филозофски филмски фестивал е режисерот Жан-Лик Годар, со фестивалското мото „Сѐ е филм“, за која Пулевски вели дека е множина што означува неформалност, неуниформираност и Годаровска ширина. Според него, оваа година фокусот е на Годар не е поради смртта на режисерот во 2022, туку и поради фактот дека тој е бунтовна и интелектуална величина која ги помести границите и сфаќањата за филмот и филмскиот јазик од самиот негов почеток.

„Тој никогаш не застанал да креира филмови, снимил над 140 во 60 години творештво, но влијанието негово се протега и надвор од неговите филмови, пишувал и филмска теорија и критика. Се интересирал за отаде традационалното кино, новите перспективи на филмот,стиловите на монтажа и филмската теорија. Сево ова, омажот за Годар што ние како фестивал го даваме го прави логичен и неизбежен. Имаме посебен дел наречен ‘Фокус Годар’ која ќе се состои од повеќе дела. Посетителите ќе имаат ретка можност да го погледнат и филмот ‘(И)сториите на филмот’, кој Годар го снимал повеќе од 10 години а некои го сметаат за неговиот магнум опус“, посочува тој.

Постерот од 13 издание на ФФФ

И оваа година, во рамки на Филозофски филмски фестивал, ќе се одржи Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, и тоа на 25 и 26 мај, а Официјалната селекција ќе ѝ понуди на публиката шест долгометражни филмови, меѓу кои и македонска ко-продукција.

Ќе биде претставен филмот „Некрстени денови“ од режисерот Иво Трајков, базиран на кратка приказна на словачкиот писател Франтишек Шватнер, како и колумбискиот филм „Кралевите на светот“ од Лаура Мора, филм кој ја следи авантурата на пет бездомни момчиња кои трагаат по еквилибриумот на земјата.

Свои проекции ќе имаат и јапонскиот, дистописки филм „План 75“ од режисерката Чие Хајакава кој се занимава со „проблемот на староста“, како и „1976“ од чилеанската режисерка Мануела Мартели, кој раскажува женска приказна од времето на Пиноче.

Дополнително, ќе можат да се видат иранскиот филм „Последниот снег“, на режисерот Амирхосеин Асгари, но и  „Совршен број“ – најновиот филм на полскиот режисер Кшиштоф Зануси, кој е најавен како специјален гостин.

Преку Официјалната селекција на краткометражни филмови, во два фестивалски дена ќе можат да се погледнат 15 филмови.

„Годинава Филозофското друштво на Македонија и Филозофскиот филмски фестивал подготвуваат две публикации: критичко издание на ‘Вајање во времето’ на Андреј Тарковски, превод од руски јазик, и реиздание на есеите од естетичка провениенција на Милчо Манчевски. Ова публикација на македонски и на англиски јазик, на едно место ќе помести и реиздаде дел од есеите со естетичка и филмско теориска проблематика покренати од нашиот познат режисер“, заклучува Пулевски.

Прв настан на овогодишното издание ќе биде мини-концертот именуван „Букршлиев/Мирческа Свират Колтрејн“ на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа,  кои ќе настапат во необична дуо формација, гитара и контрабас, изведувајќи ја музиката на Џон Колтрејн.

Ивана Смилевска