По 15 изданија, годинава нема да се одржи рок фестивалот „INmusic“

Меѓународниот рок фестивал „INmusic“ што се одржува крај езерото Јарун во Загреб, Хрватска годинава нема да се одржи поради финансиски причини, соопштија организаторите.

„Тековните последици од пандемијата, војната во Украина, инфлацијата и општото чувство на небезбедност што многу од нас го имаат секој ден нè стави во ситуација да не можеме да го организираме независниот фестивал оваа година. Моменталните услови не ни дозволуваат да ја креираме најдобрата музичка програма во живо по цена на билет ѝ е достапна на локалната публика поради финансиските ограничувања“, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страна на фестивалот.

„INmusic“ првпат се одржа во јуни 2006 година и оттогаш имаше 15 изданија.

„Се надеваме дека 16-то издание на ‘INmusic’ ќе се одржи во 2024 година и дека ќе можеме да ги споделиме датумите со вас во следните месеци. Ви благодариме за 15-те неверојатни изданија досега, вашето вибрантно присуство и љубовта полна енергија и убавина што ја гаите кон музиката, а во која ние искрено веруваме. Однапред ви благодариме за вашето разбирање и трпение додека се обидуваме да ги надминеме постоечките пречки и да го осигураме враќањето на вашиот и наш ‘INmusic’ фестивал“, додаваат од организацијата.

Минатата година фестивалот се одржуваше од 20 до 23 јуни, а настапуваа многу бендови и музички имиња од светската рокенрол сцена меѓу кои и „The Killers“, „IDLES“, „White Lies“, „Nick Cave & The Bad Seed“, „Deftones“, „Dystopia“ и други.