„Егзит“ со забавата „Get EXITed“ најавува голем музички фестивал во Македонија

Организацијата што стои зад фестивалот „Егзит“ најави нов музички фестивал што од следната година ќе се одржува во Македонија.

На овој фестивал ќе му претходи голема еднодневна забава што тимот на „Егзит“ ја именуваше „Get EXITed“ што ќе се одржи годинава, на 7 септември во Струмица.

Официјалниот концепт и точната локација на одржување сѐ уште не се познати и ќе бидат објавени наскоро, но тимот на „Егзит“ во соработка со Општина Струмица најавуваат големо музичко остварување на кое ќе настапат светски и регионални музичари.

Како што рекоа од „Егзит“ ова ќе биде само вовед на големиот фестивал што од следната година ќе ја стави и Македонија во низата земји каде тимот на „Егзит“ организира фестивали и концерти.

„Од самото основање на ‘Егзит’ постои голема врска помеѓу Македонија и нашиот фестивал, која ја одржуваме веќе две децении, а сега е време и ние да навратиме кај вас! Бидејќи врските помеѓу нашите земји се нераскинливи, токму поради историјата и заедничката култура, многу ни е мило што во семејството на ‘Егзит’-настаните конечно ни се придружува и Македонија, а почетокот на оваа соработка е токму големиот ‘Get EXITed’ музички настан во септември во Струмица“, порачаа од организацијата на прес-конференцијата што се одржа со градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов.

„Егзит“ организацијата е најголемата во музичката индустрија на Југоисточна Европа. Покрај матичниот фестивал кој повеќе од 20 години традиционално се одржува во Нови Сад, Србија до сега има организирано бројни фестивали и големи концерти како што се „No Sleep festival“ во Белград, „Dance i Ada Divine Awakening“ во Црна Гора, „Revolution во Романија, „Sea Star“ во Хрватска,  „Echowaves“ во Грузија, „Festival 84“ во Босна и Херцеговина, „Sunland“ на плажата „Perla“ во Бугарија и уште многу други концерти, а со „Get EXITed“ забавата и фестивалот во 2023, тимот ја додава и Македонија на оваа листа.