Има можности Егзит да се одржи ова лето поради успешната вакцинација, вели градоначалникот на Нови Сад

Новосадскиот градоначалник Милош Вучевиќ изјави дека поради успехот од масовната вакцинацијата во Србија, фестивалот Егзит има можности да се одржи ова лето.

Планот е големата прослава на 20-годишнината на фестивалот да се одржува од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, со учество на некои од водечките музички ѕвезди, како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Пол ван Дајк, Соломун, Сепултура…

Како што објасни тој, влезот на фестивалот ќе им биде овозможен на сите кои се вакцинирани и на сите кои го прележале коронавирусот. За сите останати посетители од земјата и светот ќе бидат овозможени брзи антигенски тестови по поволни цени, во посебно организирана зона во непосредна близина на фестивалските капии.

Влезот во Србија уште сега им е веќе дозволен на странците, додека пак до јуни се очекува и дека ќе биде целосно укинат задолжителниот ПЦР тест за влез во земјата. Сите детали поврзани со влезот во земјата и на Фестивалот ќе бидат навремено објавени на официјалниот сајт на Егзит во склад со идните актуелни мерки пропишани од страна на Владата на Република Србија.

„Одржувањето на Егзит ќе биде симбол на победата на Србија над пандемијата“ вели градоначалникот Вучевиќ, кој е член на Националниот кризен штаб за борба против пандемијата и додаде дека „ЕГЗИТ е од огромно значење за туризмот и промоцијата на земјата“.

Организаторите ги повикуваат сите кои имаат прилика поскоро да се вакцинираат.

Во Србија изминативе месеци се спроведува масовната вакцинација. Покрај држвјаните, овде бесплатно се вакцинираа и десетици илјади странци од цела Европа.

„Ние ќе им овозможиме на сите наши посетители кои тоа го сакаат, да се пријават за вакцинација во Србија, а повеќе информации за тоа ќе објавиме наскоро“, истакна Ковачевиќ.

Од Егзит за следната недела најавуваат нови објави на изведувачите кои своето место ќе го најдат на повеќе од 40 бини и зони, распоредени ширум фестивалскиот простор.

Повеќе информации за фестивалот и влезниците се достапни на exitfest.org.