„Егзит“ изгласан во Топ 5 фестивали во светот

Најголемиот музички фестивал во регион, „Егзит“ е изгласан за 5-ти најдобар фестивал во светот, објави еден од водечките светски музички медиуми „Диџеј Маг“ (DJ Mag). Повеќе од 100.000 луѓе од целиот свет гласаа за своите омилени фестивали, а „Егзит“ се најде пред големите настани како што се „Гластонбери“, „Коачела“, „Брнинг Мен“, „Лолапалуза“, „Сигет“, „Авејкенингс“ и многу други.

„Со ова признание уште еднаш се потврдува глобалниот углед на ‘Егзит’, кој веќе над две децении важи за еден од најпрестижните фестивали на светот. Посебно е значаен фактот дека листата е формирана исклучиво со гласови од публиката ширум планетата“, вели основачот и директор на „Егзит“ фестивалот Душан Ковачевиќ.

Гласањето за најдобрите фестивали траеше од 5 до 26 октомври 2022 година. На прво место е белгискиот „Тумороуленд“, по него следуваат американските „Ултра Мјузик“ и „ЕДК Лас Вегас“, а потоа британскиот „Кримфилдс Норт“. Големото значење на ова признание е во тоа што доаѓа баш од читателите на угледниот „Диџеј Маг“, чии листи „Топ 100 фестивали“, „Топ 100 диџеи“ и „Топ 100 клубови“ претставуваат индустриски стандард, особено во електронската музика.

Фестивалите кои се најдоа пред „Егзит“ се посветени исклучиво на електронската музика, додека пак најголемиот фестивал во регионот веќе над две децении негува мултижанровски пристап.

„Едно од главните обележја по кои „Егзит“ е познат во светот е фамозната Денс Арена, која важи за водечка сцена на електронската музика во светот. Голем придонес даваат и „Но Слип Нови Сад“ бината, која доби и свој повеќекратно наградуван фестивал, како и низата помали бини кои веќе две децении ја промовираат електронската музика. „ЕГЗИТ“ беше домаќин на највозбудливите имиња на електронската музика во последните 20 години, а многу од нив редовно се наоѓаат на „Диџеј Маг“ листата на најдобри диџеи“, велат од „Егзит“ фестивалот.

На фестивалската листа на „Диџеј Маг“, покрај „Егзит“, се најдоа и уште неколку фестивали од регионот, како што се „Антолд“, „Хајдаут“, „Сонус“, „Ултра Јуроп“.

Овогодишните резултати од гласањето се објавуваат по тригодишна пауза, а „Егзит“ се најде на „Диџеј Маг“ листата и во 2019 година.

Овој британски магазин со тридецениска традиција е основан како месечник посветен на електронската музика и како таков се дистрибуира во повеќе земји во светот, меѓу кои се САД, Шпанија, Франција, Италија, Кина, Холандија, а негов заштитен знак се токму споменатите топ-листи.

Целосната листа на „Топ 100 фестивали“ според „Диџеј Маг“ може да ја најдете на следниов ЛИНК.