Пет „БАФТА“ награди за „La La Land“, „I, Daniel Blake“ избран за најдобар британски филм

На синоќешното доделување на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност, „La La Land“ собра пет „БАФТА“ награди, меѓу кои за најдобар филм, за режија на Дамиен Чазел, а Ема Стоун за главната улога во овој мјузикл. Исто така, Линус Сандгрен освои награда за кинематографија и Џастин Харвитз за оригинална музика.

За најдобар англиски филм „БАФТА“ наградата отиде кај „I, Daniel Blake“ на ветеранот режисер Кен Лоуч, кој повторно создаде импресивна драма во социјално-реалистички стил.

Кејси Афлек освои „БАФТА“ за главната улога во драмата „Manchester by the Sea“, која на режисерот и сценарист Кенет Лонегарн му донесе награда за оригинално сценарио.

„БАФТА“ за споредна машка улога отиде кај Дев Пател за „Lion“. Овој филм доби признание и за адаптираното сценарио на Лук Дејвис. Виола Дејвис, пак, собра награда за споредна женска улога во „Fences“. Сите четири актери во главните категории за прв пат се вратија дома со награда „БАФТА“.

Годинешните добитници на наградата „БАФТА“

Филмот на Ава ДуВерно, „13th“ веќе добри голем број позитивни критики за приказот на расната нееднаквост во американскиот правен систем и казнените установи, па и од Британската академија доби признание за најдобар документарен филм.

Kubo and the Two Strings“ освои БАФТА за анимиран филм, а унгарската драма од холокаустот „Son of Saul“ се истакна во категоријата за филм од неанглиско говорно подрачје.

Инаку, синоќешната церемонијата се одржа во лондонскиот Ројал Алберт Хол, а по 12-ти пат водител беше Стивен Фрај.

Целата листа на добитници на „БАФТА“ можете да ја погледнете ОВДЕ.