Песна на раперот Лоџик помогнала во превенција на стотици самоубиства, покажува истражување

Според истражување на британското Медицинско списание, песната „1-800-273-8255“  на американскиот рапер Лоџик, била причината за раст на повици кон СОС линијата за превенција од самоубиства, пренесува „Гардијан“.

Растот на повици е забележан Велика Британија, но истовремено и во Америка.

Насловена „1-800-273-8255“, односно бројот на американската Национална СОС линија за превенција, песната привлекла големо внимание кај публиката по нејзиното објавување, а Лоџик оттогаш имал и два настапи за паметење.

Истражувањето кое е објавено во BMJ покажува дека по објавувањето на песната и двете изведувања во живо, СОС линијата за превенција од самоубиства документирала дополнителни 9.915 повици, а според институциите, забележан е и пад на самоубиствата во САД.

„Песната доби големо внимание од јавноста и таа реагираше на пораката – дека помошта од СОС линијата е достапна и ефективна.  Превенцијата од самоубиство и едукацијата мора да добие медиумска поддршка, а медиумите мораат да ја едуцираат пошироката јавност и високоризичните групи за превенција од самоубиство, без да им штетат  на индивидуалците“, изјавиле истражувачите.

Но при самото истражување се појавила дилема – медиумските приказни за надеж и надминување добиваат помало медиумско покривање, за разлика од објавите за смртни случаи поради самоубиство.

Според истражувањето, документирани биле настаните како објавувањето на песната на 28 април 2017 година, настапот на Лоџик на ВМА наградите на 27 август 2017 година и настапот на „Греми“ наградите, кој се случил на 28 јануари 2018 година.

Датумот на објавувањето на песната се поврзува и со последователниот раст на „Гугл“ пребарувања за СОС линијата во првиот месец по објавувањето.

Според анализите, бил забележан раст од 6.9 отсто на повиците кон СОС линијата, особено во период од 34 дена кога вниманието на јавноста било свртено кон песната. За истиот временски период постојат и докази за намалување на стапката на самоубиства од 5.5 отсто.