Педијатрите во САД ќе ги прашуваат децата дали се гладни за да се намали потхранетоста

Се претпоставува дека 7,9 милиони деца во Соединетите Американски Држави живеат во домаќинства во кои нема доволно храна.

Но, кога овие деца одат на контрола кај педијатар, знаците за потхранетост не се секогаш очигледни. Затоа, педијатрите сметаат дека е време да почнат да ги прашуваат дали се гладни.

Децата и родителите често се срамат да зборуваат за своите проблеми.

„Се срамат, или мислат дека докторот нема да се грижи“, вели педијатарката Sarah Jane Schwarzenberg од Масонската детска болница при Универзитетот на Минесота.

За да ги охрабри родителите да зборуваат за проблемите, Американската академија на педијатри сега препорачува педијатрите да прашуваат дали децата се гладни.

Јазот меѓу богатите и сиромашните во Америка е највидлив во чиниите. Семејствата кои зависат од програмата SNAP (Supplemental Nutrition Assistance Program), позната и како „маркици за храна“, имаат можност да јадат ист број на калории како Американците со повисоки примања. Но, кога станува збор за нутритивно богата храна, како овошје и зеленчук, примателите на SNAP јадат помалку.

„Некои семејства зависат од житна храна која создава чувство на ситост, но не ги обезбедуваат сите витамини и минерали кои им се потребни“, вели Schwarzenberg, која е коавтор на новата политика на AAP.

Има многу здравствени проблеми кои се поврзуваат со слабата исхрана. „Гладот, потхранетоста и немањето на храна во секое време се врзани со кардиваскуларните болести кај возрасните, гојазноста и дијабетесот“, додава Schwarzenberg.

Извор: NPR