Папата Францис побара прошка од домородното население во Канада за злото што го има нанесено Католичката црква

При својата прва јавна посета на Канада, папата Францис побара прошка од преживеаните домородци кои биле дел од интернатските училишта предводени од Католичката црква за злото што им било нанесено во 20 век.

„Длабоко жалам“, рече папата на теренот на некогашното резиденцијално училиште во Масквацис во близина на Едмонтон, пренесува „Би-Би-Си“.

Папата посочил дека извинувањето е првиот чекор, бидејќи, како што рекол ќе следи сериозна истрага за сторените злодела со цел да се поттикне процесот на заздравување.

Интернатските училишта водени од Католичката црква биле наменети за асимилација, односно уништување на културата и јазикот на домородното население во Канада.

Извинувањето на папата беше прифатено од страна на присутното домородно население и поздравено со аплауз.

Папата Францис во говорот искажал „тага, огорченост и срам“ за постапките на многу членови на Римокатоличката црква кои управувале со голем дел од резиденцијалните училишта во Канада. Тој го нарекол таквиот систем „погубна грешка“.

Последното вакво резиденцијално училиште било затворено во 1996 година, а училиштата биле активни од втората половина на 19 век. Во текот на 20 век биле асимилирани околу 150.000 домородци а во последните неколку години се пронајдени повеќе од 1.000 непотпишани гробови во некои од училиштата.