Палестинскиот фотограф Лоај Ејуб ја освои главната награда на фестивалот за фотографии „Visa pour l’image“ во Перпињан, Франција, пишува „Анадолу“.
Ејуб ја доби наградата за неговата фотографија која го прикажува човечкото страдање во Газа.
Во својот говор одржан преку видео повик, тој ја посвети наградата на „сите новинари Палестинци убиени додека ги извршувале своите должности во Газа.“
За време на неговиот говор, Ејуб ја спомна палестинската група Хамас како „движењето на отпорот на Палестина“ и тоа го предизвика градоначалникот на Перпињан, Луис Алиот да побара да се поништи наградата.
Сепак, организаторите на фестивалот го одбија барањето на Алиот.
Жан-Франсоа Лерој, директорот на фестивалот „Visa pour l’image“, застана во одбрана на одлуката на жирито.
„Нашето жири се состои од меѓународни уредници на фотографии и експерти. Без разлика дали се согласувам со нив или не, секогаш сум ги почитувал нивните одлуки“, рече тој.
Лерој, исто така, ги истакна предизвиците со кои се соочуваат странските медиуми во Газа, посочувајќи дека Израел ја ограничил нивната работа, оставајќи ги локалните новинари како примарен извор на информации од зоната на конфликтот.