„Ова не е сон“ – претстава од деца за деца

Колектив Ветерница организира несекојдневно патување во светот на танцот и театарот. Во театарот „Ј.Х.К. Џинот“ во Велес на 2 декември (сабота) од 18 часот ќе се одржи „Ова не е сон“ – претстава од деца за деца.

„’Ова не е сон’ е танцова приказна за виртуелниот свет во кој блиску се испреплетуваат возможното и невозможното, реалноста и илузијата, сонот и јавето, вистината и лагата, свесното и несвесното, чекањето и очекувањата, јас и ние, тие и вие и сите ние. Дојдете да се погледнеме со други очи, низ искреноста на децата и да се насмееме на нашата човечка несмасност. Низ процесот на работа храбро ги истражувавме границите на нашето заедничко создавање почитувајќи ја индивидуалноста како основата на здружувањето, но исто така и нашите капацитети и волја за негување на танцовиот театар. Сонувајте будни!“, велат од Колективот Ветерница.

Влезот е бесплатен, но резервацијата на билети е задолжителна. Препорачана возраст е 8 години и повеќе.

Од Ветерница потенцираат дека овој перформанс е резултат на работата во рамките на редовните часови по танцов театар со деца од 6 до 12 години, а гостувањето е во рамките на Новиот културен бран – финансиран од Министерството за култура.