Отворено предавање „КОВИД-19, недоверба и теории на заговор: Како се обликува јавното мислење во пандемијата?“

На 17 декември (четврток) од 18 часот преку платформата Zoom ќе се одржи онлајн отворено предавање со проф. д-р Ненад Марковиќ посветено на обликувањето на јавното мислење и подемот на теориите на заговор во време на пандемијата.

„Во услови на лажни вести, секојдневни политички спинови и тенденциозни медиумски манипулации, јавната сфера како основа на делиберативната демократија е загрозена. Теориите на заговор се само врвот на ледениот брег на модерните комуникациски проблеми. Современата јавна и медиумска сфера бара се поголеми и поголеми нивоа на медиумска писменост“, се вели во најавата на настанот на Младински образовен форум (МОФ).

За жал, истражувањата покажуваат дека регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Северна Македонија се најдолу на скалата на медиумска писменост во цела Европа.

„Од друга страна, потребата да ги рационализираме и полесно „свариме“ информациите кои секојдневно допираат до нас бараат да создадеме механизми за компензирање на недоследностите и празнините во знаењето, кон кои често прибегнуваме во недостаток на информации или во ситуации на конфликтни информации. Пандемијата со КОВИД-19 ни ги покажа сите аспекти на овој општествен предизвик. И ова е за жал, само почетокот на проблемот“, стои во најавата.

Сите заинтересирани за присуство на предавањето: „КОВИД-19, недоверба и теории на заговор: Како се обликува јавното мислење во пандемијата?“ потребно е да се регистрираат однапред на следниот линк: https://forms.gle/X5qULk3oc8mDe1Jn9 најдоцна до 16 декември. Непосредно пред настанот ќе биде споделен линк за приклучвање на Zoom.

Настанот е организиран од Младински образовен форум во партнерство со поддршка од Иницијативата за демократија на Западен Балкан на Фондацијата за демократија на Вестминстер.