Отворен е конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“

Конкурсот за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, која ја доделува издавачката куќа „Антолог“, е отворен и може да се учествува со прозни книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2024 година и 30 јуни 2025 година.

„Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од ‘живи’ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик)“, објаснуваат од „Антолог“.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

Наградата до минатата година се доделуваше за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија, книги за деца и драма. Со цел порамноправен мериторен систем и соодветно вреднување на различните предизвици што секој книжевен вид го поседува, од годинава ќе се воведе приоритетна категорија која ќе се менува секоја година. За 2025 приоритетна книжевна категорија ќе биде прозата (фикцијата) и ќе опфаќа: романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.

„Следната година приоритетен вид ќе биде поезијата и ќе опфаќа поетски дела во превод објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2026 година. Во 2027 приоритетна категорија ќе биде книжевноста за деца и ќе може да се конкурира со книги за деца во превод (сликовници, раскази, поезија, романи за деца и млади) објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2027 година. Конечно во 2028 во фокус ќе биде драмата и ќе може да се конкурира со драми во превод објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2028 година“, раскажуваат од издавачката куќа.

Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.

Конкурсот е отворен до 1 јули 2025 година.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на мејлот redakcija@antolog.mk.

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари.

Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари. Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик во 2024 година ја доби Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на романот „Интимен живот“ од Николо Аманити во издание на издавачката куќа „Антолог“. Комисијата за доделување на наградата беше во состав: Јана Михајловска, Зорица Николовска и Владимир Јанковски. Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик за 2024 година беше доделена на превeдувачот Бенјамин Лангер за преводот на книгата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски на германски јазик.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.