Објавен конкурсот за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година

Отворен е шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Конкурсот е отворен до 1 јули.

На конкурсот можат да аплицираат необјавени романи, за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ документ. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција, соопштуваат од издавачката куќа.

Ракописите ќе ги оценува тричлена жири комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително, додаваат оттаму.

„Наградата ‘Пегаз’ е производ на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесе за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Таа е воспоставена во 2019 година и е замислена како продолжение на наградата ‘Роман на годината’, што ја доделува Фондацијата ‘Славко Јаневски’ за најдобар објавен роман на годината“, велат од „Арс Ламина“.

Досегашни добитници на наградата се романите „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023), кој ќе биде објавен следниот месец.

Годишното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември.