Марија Бошковска со песната „Во една шума чудесно чудна“ е добитничка на првата награда на конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“. Второто место го освои Светлана Котевска за песната „Бунт на природата“, додека третото место и припадна на Ружица Денковска за песната „Градинарска судница“.
Наградите беа доделени вчера во големата сала на Општина Охрид. Настанот на доделувањето на наградите во организација на ЗПРКДУ „Креативна верига“ – Охрид и поддржан од општината, го отвори Марина Икономова Шокева, претставничка на здружението, додека за Тоде Илиески зборуваше неговата ќерка Ана Богиќ. Како дел од програмата присутните слушнаа повеќе песни од богатиот опус на Илиески, претставени од учениците при ООУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид.
„Во име на жири комисијата, во состав претседател Славе Ѓорѓо Димоски, Лилјана Пандева и Наташа Аврамовска се обрати претседателот кој истакна дека пристигнатите 67 песни ги карактеризира тематско-мотивско разнообразие, при што како најдоминантни теми се јавуваат светот на природата, како и еколошките мотиви, а засегнати се и темите на социјалните мрежи. Присутни се и темите кои се однесуваат на образованието и училиштето. Комисијата истакна дека сите наградени песни ги одликува вешто и игриво, музички интониран стих, јасен и транспарентен поетски стил кој воедно суптилно и умешно подучува“, велат организаторите.
Наградите се доделија по третпат и се под покровителство на општината, а наградените песни ќе бидат објавено во единаесеттиот број на електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“ кое го издава Здружението.