Отворен е конкурсот за креативно пишување за студенти – „Протоѕвезда“

Студентската конференција „Како си ми?“ по втор пат го распишува конкурсот за креативно пишување, „Протоѕвезда“ наменет за студенти од сите факултети во земјава.

„Целта на овој настан е да ја разгориме креативноста во вас, да вдахнеме повеќе живот во академскиот свет и да создадеме простор каде сите студенти ќе можат слободно да ги споделат своите поетски, прозни или критички текстови“, се вели во објавата.

Темите и стилот на пишување се слободни, прозните дела можат да бидат фикција и нефикција (со ограничување до 1.000 зборови), додека едно поетско дело не треба да надминува две страници.

Сите заинтересирани за учество своите дела може да ги испратат на kakosimi.flf@gmail.com до 10 март до полноќ!

„Сè што ќе биде испратено ќе биде објавено на официјалната страница на’Како си ми?’, а редакцискиот одбор ќе одбере и неколку најдобри текстови кои ќе можат да бидат презентирани и во живо, на 17 април“, велат организаторите.