Отворен час со Никола Ристановски во Јавна соба

„Театар за сите“  продолжува со програмата „Отворен час со…“ во Јавна соба во среда (29 ноември) од 19 часот, кога гостин ќе биде актерот Никола Ристановски. Темата на овој отворен час е „Намера на лик“.

„Што е намера на лик? Како се открива? Како намерите/мотивите на ликовите го диктираат движењето/гласот/емоциите на актерите на сцена? Сето ова ќе го истражиме теоретски, но и практично. Ќе можете да учествувате во вежбите, но и да погледнете како намерата на ликот се прикажува на сцена. Заради тоа, имаме уште една гостинка на овој отворен час, актерката Ангела Димитрова, воедно и партнерка на Никола во серијата ‘На Терапија’, стои во најавата за настанот на „Театар за сите“.

По делот со вежбите, велат организаторите, присутните ќе имаат можност да разговараат со двајцата актери и од прва рака да ги слушнат предизвиците на актерската игра.

„Освен наши поранешни и тековни посетители од групите за возрасни и средношколци, на Отворениот час може да присуствуваат и сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за темата на часот, а воедно и за театарската уметност“, велат од „Театар за сите“.

Од таму потенцираат дека бројот за присутни е ограничен, па оттука регистрацијата е задолжителна на e-пошта на teatar.za.site@gmail.com со име и презиме, најдоцна до 28 ноември до 15 часот. Принципот е прв пријавен – прв услужен.