Отворање на групната изложба „Симбиоза“ во Монтажна галерија

Групната изложба „Симбиоза“ во која учествуваат уметниците Филип Ристевски, Камелија Каламерникова, Славчо Павлоски, Милена Петковска, Габриел Димитровски  и Озбек Ајваз ќе се отвори утре (вторник) во Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности – Скопје која се наоѓа во  Парк на Франкофонијата.

„Со изложбата ‘Симбиоза’ креираме ново случување каде би ја возвишиле природата и човекот како дел од неа со акцент на нивната симбиозна врска која го опфаќа привлечното, естетското, креативното или одбивното, неестетското и деструктивното со ликовната уметност како основен медиум, со смела видливост, потсетник за бришењето и прослава на интимната врска со растителниот свет. Целта е да се постават прашања кои предизвикуваат критично размислувањe околу меѓусебно поврзување,колаборативни организми, биокултурни врски и нови еколошки парадигми, оваа изложба претставува скапоцена можност да се преиспита сигурноста со цел да се репозиционираме во светот не како одвоени и објективни набљудувачи, туку како активни учесници вплеткани во длабоко и незаменливо сродство“, веалт авторите.

Отворањето ќе биде во 19 часот.

Филип Ристевски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на оддел вајарство. Има учествувано на повеќе групни ликовни изложби и на ликовна колонија „Дрен“ 2023 г., во Прилеп.

Камелија Каламерникова е студентка на ФЛУ од четврта година, сликарски смер со модул графички дизајн. Покрај сликарството, експериментира со други медиуми како цртеж, фотографија и видео.

Озбек Ајваз дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек вајарство. Скулптурите кои ги изработува се од рециклирано железо во апстрактна и геометриска форма. Во 2021 година ја доби наградата за надежен млад уметник во Истанбул, Турција.

Славчо Павлоски е студент на Факултетот за ликовни уметности на отсек вајарство. Првата самостојна изложба ја реализира како сликар во Нови Сад, Србија.

Милена Петковска е апсолвент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел графика со насока графички дизајн. Добитник е на прва награда за студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ 2022 година. Дел е и од 16. графичката работилница „Софија“ – Богданци.

Габриел Димитровски е студент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на оддел вајарство. Има учествувано на повеќе групни ликовни изложби и на ликовна колонија „Дрен“ 2023 година во Прилеп.