„Осаменоста не се препорачува за ниту едно доба од животот“ – македонски автори интимно со пандемијата

Во средниот век, книжевното дело кое го најавило новиот историски правец, ренесансата, е „Декамерон“ од Џовани Бокачо. Токму „Декамерон“ делумно е инспириран и од пандемијата – во една куќа се собираат седум млади и за да им помине времето – раскажуваат приказни. На 16 април се одржа промоцијата на „Интимно со пандемијата“ – збирка раскази издадена од „Креативна верига“, во чии рамки се објавени вкупно 20 раскази од 17 домашни автори на тема пандемија, но овојпат за болест што се шири во постмодерното време.

Во фејсбук групата „КОВИД-19 Дневници“, исто така иницирана од „Креативна верига“, македонски автори почнале да ги споделуваат своите пандемични раскази од кои подоцна ќе произлезе збирката „Интимно со пандемијата“ –  отпечаток за почетокот на пандемијата, ситуација која драматично ги измени  животите на луѓето..

Јордан Коцески кој е дел од „Креативна верига“, а воедно и еден од уредниците на изданието, вели дека идејата зад збирката раскази било секој расказ да биде парче од сложувалката кое придонесува кон целосната слика за искуствата на луѓето на почетокот од пандемијата.  Па така, во збирката може да се прочитаат раскази напишани од Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Велес и Скопје.

„Кога го почнавме проектот мислам дека никој, ниту ние како уредници, ниту авторите, не бевме свесни во какво дело ќе прерасне оваа збирка. Токму затоа одлучивме под секој расказ да го наведеме датумот кога е првично објавен на Фејсбук. Сега, кога го листам ова печатено издание со хронолошки подредени раскази, сфаќам како нашата психологија како заедница постепено се менувала од онаа која се надева дека вирусот е минлив и „ќе трае само месец дена“, до онаа која постепено прифаќа дека животот никогаш повеќе нема да биде ист“, вели Коцевски.

Здружението „Креативна верига“, освен што е иницијатор за издавањето на збирката пандемиски раскази, истовремено го издава и книжевното списание „еЛит“. Коцевски вели дека идејата за издавање на книжевно списание се провлекувала со години, но во 2020 година концептот за списанието бил оформен, а веќе во октомври тие започнале со работа.

„Во текот на оваа година публиката може да очекува уште две изданија, една стихозбирка и еден стрип, кои се финансирани од Министерството за култура. Во јуни ќе излезе вториот број на „(е)Лит“, а се надеваме дека во ноември ќе издадеме специјален број на списанието. За специјалниот број распишавме конкурс на тема „Клучот“, за прозни, поетски, фотографии, илустрации, стрипови, а заинтересираните може да учествуваат во конкурсот преку испраќање на нивните дела на kreativnaveriga@yahoo.com. Една од нашите цели е да им пружиме поддршка на сите неафирмирани креативни луѓе, а посебно на младите творци, со организирање на онлајн работилници за пишување“, вели Коцевски.

Осаменоста не се препорачува за ниту едно доба од животот

Аптекари, мајки, татковци, осамени души, сопатници, деца, антихерои, луѓе доведени на работ, сонувачи и песимисти, се дел од ликовите создадени во расказите. Коцевски вели дека секој може да се пронајде во најмалку една од ситуациите, пред сè затоа што се реални.

„Расказите зборуваат за она што ни недостасува, било тоа да е туѓ допир или спортски натпревар, за семејните односи и промените предизвикани од заедничкиот живот во време на полициски час и рестрикции, за фантазијата како бегство, надежта дека ќе помине, соочувањето со тоа дека ќе трае, интерниот конфликт предизвикан од потребата да се живее „нормално“ наспроти прифаќање на новото „нормално“, за тоа како и наједноставната секојдневна активност станува комплицирана“, објаснува тој.

Димитар Димоски

Зборувајќи за својот расказ „Ние и времето“, авторот Димитар Димоски вели дека се спротивставуваат алиенацијата, беспомошноста, релативноста, рамнодушноста, но и очигледниот и сѐ  поблизок крај на светот.

„Она што сакав да го постигнам е да создадам расказ во кој ликовите се ослободени од перцепцијата за време и просто, и различно ја толкуваат идејата за престанокот на светот. Неколку нешта придонесоа да го напишам „Ние и времето“. Се сеќавам дека основната идеја ја добив читајќи ја „Книгите што го проголтаа татко ми“ од Афонсо Круж некое време пред да застане светот во март. Разгледувајќи стари, незавршени раскази и размислувајќи како да ја вметнам идејата во контекст, на крај сѐ тоа ме однесе до „Ние и времето“, краток расказ кој е за жал еден од ретките што успеав да ги напишам во изминатата година.

Зборувајќи од перспектива на автор, но и млад човек, Димоски смета дека периодов треба да се стави поголем акцент на менталното здравје и подигање свесност, особено кај помладите.

„Кога го кажувам ова, не мислам на обидите за романтизирање на менталното здравје од страна на различни мотивациски говорници и поп културата која настапува патронизирачки со идејата дека треба да бидеме среќни и покрај сѐ. Мислам на суштинска и можеби изразено формална едукација околу пандемијата и менталното здравје, како да се справиме со одредени ситуации на анксиозност, депресија и паника. Еднаш слушав емисија на Радио Скопје додека возев, се работеше за пандемијата. Рекоа – осаменоста не се препорачува за ниту едно доба од животот. Не кажаа зошто, или јас не успеав да слушнам. Сепак, мислам дека вакви теми се неопходни. Другото можеби и сами ќе го откриеме“, вели тој.

Изолација, презаситеност, фрустрација

Марина Шокева

Во својот расказ „Четиринаесетиот ден“, авторката Марина Шокева зборува за состојбата на  презаситеност  која доаѓа до израз кога луѓето се премногу упатени еден на друг, како што е  изолацијата , која не дава можност за избор или промена и таа фрустрација ги вади и засилува негативните страни кај секој од нас.

„Во заедничкиот живот честопати знаеме да заборавиме да гледаме на другиот како посебна индивидуа, неговата/нејзината  потреба за посебност, автентичност, слобода и потреба да се осами, забораваме дека некогаш и ние треба да придонесеме за заедницата со прилагодување, а го очекуваме исклучиво од другиот“, вели Шокева.

Таа додава дека во овој период – во услови кога сме изолирани во четири ѕида со една иста личност, мора максимално да се почитува туѓата посебност, да се има осет кога на другиот му е премногу и има потреба да се дистанцира, што не значи отуѓување или распаѓање на заедницата, туку  начин да се сочува и почитувањето и љубовта и заедницата“, вели Шокева.

Детска перспектива и судир со реалноста

Мартина Павлова Дурљанова

„Кога мама готви“ од Мартина Павлова Дурљанова ја раскажува пандемијата низ очите на едно две и пол годишно девојче, односно како тоа го доживува седењето дома со мама, колку тоа е среќно што е мама дома и колку ужива да си игра со неа, односно да создава нереди наоколу, само за да го привлече нејзиното внимание.

„Поради пандемијата останав дома, затоа што немаше кој да ја чува ќерка ми, па така во слободно време се посветував на пишувањето, односно го пуштив на слобода она што долго време ми стоеше заклучено. Гледајќи ја ќерка ми колку навистина ужива со мене и колку ѝ  беше тешка разделбата кога ја оставав со сопругот, почнав да размислувам од друг аспект, како децата го доживуваат сето ова седење дома, далеку од деца и игри. Кога ја гледав колку ужива во секој момент и што се` прави за да ми го привлече вниманието, повеќе од очигледно е дека ќерка ми ми беше инспирација за текстот“, вели Дурљанова.

Таа потенцира дека во јавноста треба повеќе да се зборува за менталното здравје, да се разбие табу-темата за психолозите.

„Да се потенцира дека не е сѐ во кафичите и кафаните, дека можеме со друштво да уживаме во парк или друго отворено место – да се отворат повеќе локални (можеби и на отворено) библиотеки, да се нормализира луѓето да читаат во природа“, вели Дурљанова.

Од љубов до омраза

Гордана Балеска Трифуновска

Во „Антагонистички дневник“, расказ на Гордана Балеска Трифуновска, централното место го зазема интимниот однос на двајца млади, коишто во одредени моменти се однесуваат како стар брачен пар што веќе нема што да си каже. Љубовта, семејството, парите, одмаздата се темите кои ги обработува расказот, кој напишан преку дневничките записи на девојката ја следи нејзината трансформација од љубов во омраза.

Авторката вели дека се инспирирала од секојдневието и неговата промена.

„Од ситуации како „не чекајте ме, си доаѓам вечер“ или „не си доаѓам“, преминавме во 14 или 20 дена изолација, за некои можеби и повеќе, во неможност да излеземе од дома и да ги исфрлиме од глава сите лоши мисли на кои се чини само како да им се зголемува бројот. Интересно да е да се набљудува моментот кога малите работи, како џвакање со отворена уста, почнуваат да земаат пресилен замав кога сме затворени меѓу 4 ѕида“, вели Балеска Трифуновска

Таа дополнува дека дека периодов мора да им дадеме важност на меѓучовечките односи.

„Ние не смееме да заборавиме да бидеме луѓе и не смееме да си дозволиме да ја заборавиме тежината на зборот човек. Сега, повеќе од кога и да е, треба да се работи на нашата способност да чекориме во туѓи чевли. Мора си покажеме повеќе разбирање и повеќе трпение“, вели таа.

На фронтот

Сеад Салкоски

За краткиот расказ „Дневникот на фармацевтот“, авторот Сеад Салкоски опишува неколку случки во различно време, каде се проткајува горчливото чувство на несигурност, но и моќната порака на непоразителност.

„Раскажувам за мојот заборавен роденден и за роденденот на татко ми во време на пандемија, како и секојдневните случки со моите пациенти во аптека. Сето тоа е обвиено со искрени чувства и мисли кои ги поставив на еден лист хартија што ми делуваше и како еден вид психотерапија и начин да се ослободам од внатрешните демони“, вели тој.

Салкоски потенцира дека инспирацијата ја добил од пациентите, своите деца и семејството, додавајќи дека секојдневниот контакт со пациентите, особено на почетокот на пандемијата бил тежок – со непознати моменти, многу страв и паника.

„Оваа година ни донесе многу тага, изгубивме блиски роднини и пријатели. Јас како фармацевт изразувам голема благодарност до сите здравствени работници кои несебично ги жртвуваат своите животи но и до сите мои пациенти кои постојано ги почитуваат зададените правила и протоколи. Со тоа нѐ штитат нас и нашите семејства. Од друга страна, пандемијата ни донесе и малку поинаков ментален склоп на размислување. Покажа какви се луѓето длабоко во својата основа, ги откри маските и покажа поинакво светло во нашето секојдневие“, вели тој.

Коцка по коцка – расказ

Јордан Коцевски

За расказите „Бекрајно сино“, „Свет од коцки“ и „Магија“, авторот, но и уредникот на „Интимно со пандемијата, Јордан Коцевски, вели дека се добар баланс на песимизот и оптимизмот.

„Досега не забележав дека од осумте раскази кои ги објавив во групата „КОВИД-19 Дневници“ сум ги одбрал тие со кои најмногу сум поврзан со главниот лик, односно татко затворен со своите дечиња. Иако главниот лик е татко, темите не се исти. „Бескрајно сино“ зборува за играта на родителот со децата која ги оттргнува од реалноста, „Свет од коцки“ се размислувањата на таткото за конструкции од коцки кои ги гради со децата, наспроти „коцките“ од неговиот живот кои ги разместува пандемијата, додека „Магија“ зборува за моќта на семејството да ги избрише сите грижи“, вели авторот.

Коцевски дополнува дека расказите се обидуваат да ја доловат огорченоста, да дадат надеж, да зборуваат за тоа колку е тешко, а од друга страна да понудат решение како да се преброди.

Од перспектива на автор, но и како граѓанин, тој порачува да се носат маски, а до креативците порачува секојдневно да креираат.

„До сите креативци: творете! Знам дека е тешко, но обидувајте се секој ден – една реченица на хартија, еден потег со четка на платно, една исвирена нота, една фотографија… Обидувајте се секој ден“, вели тој.

„Збирката раскази „Интимно со пандемијата“ може да се нарача преку социјалните мрежи на Здружението „Креативна верига“.

Ивана Смилевска