Промоција на збирката раскази „Интимно со пандемијата“

Во организација на „Креативна верига“ утре, на 16 април, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Интимно со пандемијата“. Промоцијата ќе се одржи онлајн, на дигиталната платформа „Зум“, со почеток во 8 и 15 часот.

„Запознајте се со седумнаесетте автори и нивните дела застапени во „Интимно со пандемијата“ и значењето на оваа збирка раскази како отпечаток на психолошката борба на индивидуите со почетокот на пандемијата и соочувањето со фактот дека ќе трае“, велат од организацијата.

Оттаму посочуваат дека „Интимно со пандемијата“ е збирка од 26 раскази од 17 автори, кои преку своите дела ја споделуваат со читателот интимата на главните ликови во време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, преку записите кои ги водат во своите дневници.

„Се работи за шаренило на нарации и главни ликови кои заедно сочинуваат еден мозаик, дело кое по години би се читало како сведоштво на пандемиското време“, истакнуваат од „Креативна верига“.