„Орцашка вечер на поезијата“: Ние сме голема група ученици кои уживаат во целиот процес на уметност и стихови

Група ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ трета година по ред ја организираат „Орцашка вечер на поезијата“ – настан полн поезија, уметникување и култура. По третпат тој ќе се одржи на 26 март (вторник) и оваа година на нова локација, во просториите на „Јавна соба“ (Public Room).

Со средношколките Софија Добревска и Бојана Цветковска седнавме на кафе-разговор во кој тие зборуваа како се вклучиле во настанот, како се подготвуваат во текот на годината и како преку тоа постојано запознаваат нови таленитрани млади поети и поетеси.

„Мене професорката Драгица ми предава уште од втора година, и еднаш на час спомена: ‘Ќе организираме поетско читање, сака некој да учествува?’ и јас се замислив и неколку деца околу мене ми рекоа ‘абе оди, оди, оди, убаво читаш, убаво пишуваш’, а до тогаш јас не пишував поезија, си бев сакарана со неа, а многу сакав проза и само проза си пишував. И еден ден седнав и со сила напишав една песна и испадна супер песничка и се пријавив и бев воодушевена од целиот настан, бев многу возбудена, првпат учествував на нешто такво“, раскажува Бојана.

Софија и Бојана / фото: Радио МОФ

За Софија, на која не ѝ предава професорката Драгица Јанкуловска која инаку е зачетник на идејата за поетско читање во „Орце“, испаднало спонатно да учествува. Гледајќи од денес, кога е на прагот да матурира, патем спомена дека за проектната задача наместо класична семинарска подготвила поетски филм, вели дека ја радува што идејата на настанот е да им се даде простор на учениците за креативно изразување.

„Без разлика дали тоа се нивни напишани стихови, нивни песни или пак сакаат пораката да ја пренесат преку нечии туѓи стихови. Тоа ни е главната водилка и главната цел зошто го правиме овој настан. Секоја година ни се менува идејата. Годинава одиме под слоганот: ‘Секој крај е нов почеток’, а повеќе за тоа ќе видите на самиот настан. Така што, секогаш нашето мото од почетокот до крајот, некако ја води самата приказна. Има зошто тоа е ставено и зошто го избравме ова мото“, открива таа.

Девојчињата раскажуваат дека подготовките траат од почетокот на учебната година. Во септември се избира концепт, учесници, а во второто полугодите започнуваат пробите.

„Сето тоа е после часови, за викенди, одвојуваме време и вежбаме“, вели Бојана.

„Орцашка вечер на поезијата“ 2023 година

За соучениците со кои ќе настапат во „Јавна соба“ велат дека се една голема група деца кои уживаат во целиот процес. Од година в година им се приклучуваат нови ученици, а особено ги радува што се зголемува бројот на заинтересирани учесници од прва година.

„Тие на некој начин сè уште се во некој посебен свет, ние сме во друг свет и кога ќе се споиме некако е многу различно, а истовремено и многу еднакво, бидејќи сме за иста работа тука и така некако си се поврзуваме. Минатата година мислам дека имавме само две-три ученички од прва година, а годинава веќе се шест, седум што е супер“, истакнува таа.

Постерот велат дека го прават тие, или ангажираат други ученици

Читањето е надополнето со музика, а покрај учениците, редовоно имаат и гости-поети.

„Сакаме да биде една богата вечер исполнета со многу уметност и да ги поттикнеме младите да уживаат во уметноста, да читаат повеќе поезија бидејќи знаеме на кое ниво е застапена поезијата кај младите“, подвлекува Бојана.

На ова издание ќе гостуваат поетите Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски, Билјана Стојановска, Ива Дамјановски, Андреј Ал-Асади и помладите Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Велинова и Драгана Ефтимова.

„Малку ќе се навратиме на самите почетоци, на современата македонска поезија. Не ви откриваме повеќе од тоа, имаме една авторка и еден автор во фокус. Сакаме да им дадеме значење затоа што навистина дале огромен придонес за развивање на македонската поезија понатаму“, открива Софија.

Двете претходни изданија се случуваа во централниот ходник на „Орце Николов“, а годинава решиле дека сакаат да излезат од концептот „училиштен настан“ и да пробаат нешто ново.

„Просторот во ‘Орце’ веќе како да го надраснавме, сега имаме многу побогата содржина на самиот настан. И сакаме малку подалеку да излеземе, да се чуе повеќе за тој настан, едноставно да бидеме на место што е посоодветно за тоа. Да има повеќе публика, што повеќе ќе одговара на тој настан. Бидејќи, еве, искрено некој повеќе би дошол во ‘Јавна соба’, отколку во Средно школо да гледа нешто, бидејќи додека сме во училиште тоа повеќе наликува на приредба, за патронат. А, дојдете на настанот ќе видите дека има квалитетни деца кои како пишуваат и некои што читаат туѓа поезија, навистина се прекрасни сите“, ентузијастична е Бојана.

Прво издание на „Орцашка вечер на поезијата“

За крај ги покануваат „орацшите“ да им се приклучат следната година, да дојдат на една проба и да учествуваат, а сите останати да ги посетат на 26 март во „Јавна соба“. Ветуваат дека ќе има многу музика, дружба и секако, многу поезија.

Инаку со „Орцашка вечер на поезијата“ која од лани се одржува на 25 или 26 март се затвораат Денови на Орце – манифестација полна активности кои ги прават учениците заедно со нивните професори по повод патрониот празник на училиштето.

Ангела Бошкоска 

Фотографии: Орцашка вечер на поезијата