„Орцашка вечер на поезијата“ во понеделник во скопската гимназија „Орце Николов“

Во понеделник во холот на скопската гимназија „Орце Николов“ со почеток во 18 часот ќе започне овогодишниот настан „Орцашка вечер на поезијата“.

Организаторите велат дека Светскиот ден на поезијата, денот на пролетта и одбележувањето на почетокот на „Деновите на Орце“ ќе се проследат преку стиховите на млади поети и поетеси.

На поетското читање кое има за цел да ги собере сите љубители на поезијата и уметноста ќе присуствуваат поетите и поетесите Ана Голејшка, Билјана Стојановска, Владимир Мартиновски, Јулијана Величковска и Никола Маџиров, како и сегашни и поранешни ученици во „Орце Николов“.

За време на настанот ќе бидат изложени и паноа со најдобрите цртежи од учениците во „Орце Николов“.

Настанот е организиран под раководство на професорката по македонски јазик и литература Драгица Јанкуловска, како и  учениците Емрах Јусуфоски, Јована Стаматовска, Деспина Стојмировска и Карло Јовановски како главни организатори, но и други ученици кои ќе читаат најразлични видови поезија.