Општина Охрид објави, па поништи конкурс за стипендии за студенти во странство

Студенти од Охрид кои студираат на факултети надвор од земјава се револтирани откако општината објави, а потоа и го поништи конкурсот за доделување на стипендии од оваа категорија лица.

Еден од студентите кој студира на Факултетот за архитектура во Љубљана, кој веќе аплицирал за стипендијата, вели дека конкурсот е поништен, како што вели, без никакво образложение или конкретна дадена информација за пренамена на средствата.

„Ова претставува ништо повеќе од уште еден пример за незаинтересираноста на администрацијата за отварање и подршка на домашниот млад кадар во странските земји, кој трага по поквалитетно и посериозно образование, разочарано и избркано од условите и лажните повторливи ветувања од властите“, потенцира студентот.

Тој посочува дека треба да се земе предвид дека, како што вели, повеќето странски земји каде студираат младите од Охрид се со значително повисоки стандарид, додавајќи дека има семејства кои не можат тоа сами да го издржат.

„Со токму вакво внатрешно само-осцилирање и постапки на властите се губат голем број потенцијални фактори кои значат во обликувањето на иднитата на една земја-младите. Потенцијалните идни контакти со светот, ронка по ронка се губат, место да добиваат подршка се повеќе и повеќе се наградени со одбивност од владејачките маси на Р. Македонија. Наместо да се вложи во најевтините амбасадори, дипломати (студентите надвор), се крат(д)ат средствата и никој не знае каде се пренасочени…“, револтирано вели студентот.

На 21 октомври минатата година беше објавен Конкурс за доделување стипендии за редовни студенти од општината кои се запишани на додипломски студии на државните универзитети, како и за студенти запишани на државни универзитети во другите земји.

Градоначалникот потоа донесе решение со кое поништува делот во конкурсот кој се однесува на доделување стипендии за редовни студенти на додипломски студии од I, II, III, IV, V и VI година од Општина Охрид кои студираат на државни универзитети во други земји за академската 2020/2021 година.

„Имајќи ја во предвид Ранг листата од 05.01.2021 година на студентски стипендии во академската 2020/2021 година изготвена од страна на Комисијата за постапување по Конкурсот бр.09-9376/2 од 21.10.2020 година за доделување стипендии на редовни студенти од Општина Охрид запишани на додипломски студии на државни универзитети во Република Северна Македонија и на државни универзитети во други земји, во академската 2020/2021 година, а особено имајќи го во предвид Ревизискиот извештај бр. 37-264/2 од 22.01.2021 година“, се посочува во образложението за решението, објавено на веб-страницата на општината.

Револтот го дели и 22-годишен охриѓанец кој студира на Факултетот за спорт во Љубљана. За време на неговите студии, тој преку порталите наишол на конкурсот од општината и аплицирал, но потоа дознал дека тој е откажан.

„Словенија на сите студенти им даде по 150 евра поради Ковид-19, а ние затоа што сме државјани од трета држава, не смееме да аплицираме за тој конкурс за студенти, мора Словенец да си“, прави споредба младиот охриѓанец.

Инаку, условите за доделување на ваквиот вид на стипендија е студентите да се жители на Охрид, да се редовни студенти на државни универзитети во странство, но и да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или фирми. Висината на стипендијата пак, како што се посочува во конкурсот, изнесува 3.000 денари за девет месеци во текот на академската 2020/2021 година.

Радио МОФ се обиде во неколку наврати да побара став од службите во општината, со цел да добиеме повеќе информации и образложение за тоа, зошто конкурсот за стипендии е поништен, но, безуспешно.

Мартин Колоски