Од отпад до уметнички дела – започнува традиционалниот конкурс „Trash for Art“

„Рециклирањето и креативноста се тесно поврзани. Пренамената на отпадните материјали за создавање на уметнички дела не само што го намалува отпадот туку и поттикнува имагинативно размислување и иновации“.

Пакомак повикува сите заинтересирани да му дадат нов живот на отпадот и да ги пријават своите уметнички дела на наградниот конкурс „Trash for Art“.

Конкурсот е отворен за сите: возрасни и деца, а пријавените дела ќе се натпреваруваат во три категории: 1) градинки, 2) основни училишта, 3) поединци и други организации. За секоја од категориите предвидени се по три парични награди – за прво (30.000 денари), второ (20.000 денари) и за трето место (10.000 денари).

„Оваа година на конкурсот има и две специјални награди за најдобрите уметнички дела изработени исклучиво од амбалажа на Прилепска Пивара или од електричен отпад. Скулптурата од амбалажен отпад на Прилепска Пивара ќе биде наградена со 30.000 денари, додека најиновативното решение за скулптура од електричен отпад ќе биде наградено со 30.000 денари од Нула Отпад. Испратените уметнички дела кои ќе конкурираат во категоријата за дела изработени од електронски отпад треба да бидат со максимална височина од 150 см“, се вели во најавата за конкурсот.

Учесниците своите уметнички дела треба да ги изработат од минимум 10 парчиња амбалажен отпад, а можат да користат различни видови на амбалажа како лименки пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажа од козметика и од средства за чистење, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак, кеси од чипс, обвивки и сл.

Сите употребени материјали треба да се спојат во едно уметничко дело, кое нема да има височина поголема до 150 см.

„’Trash for Art’ оваа година трае од 2 до 4 април 2023. Сите уметнички дела ќе треба да се достават во Кинотека на Северна Македонија било кој ден од 2 до 4 април, со тоа што на 2 и 3 уметничките дела ќе може да се достават од 9 до 17 часот, а на 4 април од 9 до 13 часот“, стои во повикот.

Правило на конкурсот е дека еден учесник може да пријави и повеќе дела, но не може да освои повеќе од една награда. Постои исклучок од ова правило, а тоа е дека доколку учесникот пријави уметничко дело изработено од амбалажен отпад на Прилепска Пивара или од електричен отпад, ќе може со истото уметничко дело да добие награда во категоријата за специјална награди и да се натпреварува во останатите три категории на конкурсот. Учесниците ќе пополнат пријава за учество при подигнувањето на делата, не е потребно претходно пријавување.

„Учествувај на конкурсот и докажи дека од отпад може да се создаде уметничко дело“, велат од „Пакомак“.

Повеќе за Trash for Art, условите за учество и наградите ТУКА, или на Фејсбук страната Пакомак.