Обвинителството отворило шест кривични предмети за изборни нерегуларности

Од Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) информираат дека, до завршување на изборниот ден, постапуваат по шест кривично-правни настани за кои утврдиле основано сомнение за сторени кривични дела во врска со изборниот процес.

Делата се однесуваат на поткуп при избори и гласање, злоупотреба на избирачкото право и за изборна измама.

Еден предмет е отворен во Основното јавно обвинителство Битола, два во Основното јавно обвинителство Кочани и три во Основното јавно обвинителство Скопје.

Од ЈОРМ додаваат дека во текот на предистражните постапки се прибираат вербални и материјални докази за комплетирање на предметите и донесување на јавно обвинителски одлуки за натамошно постапување.

Информираат и дека постапуваат и за други седум настани, за кои јавните обвинителства имаат добиено известувања од Министерството за внатрешни работи, или пријави од граѓани и други надлежни институции, а каде засега има само основи на сомнение дека има елементи на сторени кривични дела.

Во овие предистражни постапки за настани кои се случиле на територија на Основните јавни обвинителства Битола, Охрид, Струга, Скопје и Кочани, јавните обвинителства преземаат дејствија за утврдување на факти, во насока на тоа дали воопшто има елементи на сторени кривични дела. Постапките се за евентуално сторени кривични дела повреда на слобода на определување на избирачите, за поткуп при избори и гласање и за противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори.