Обвинителството го затвори предметот за извидничкиот камп, немало елементи за кривично дело

Јавното обвинителство донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување за настанот насловен „Sex Scouts, Rock and Roll“ од извидничкиот одред „Прв Скопски извиднички одред“ кој се одржа од 24 до 26 септември минатата година.

По проучувањето на сите материјални и вербални докази, искази на учесниците, извидници и водичи и организаторите, јавниот обвинител утврдил дека во случајот ни еден од елементите кои се дефинирани во Кривичниот законик како елементи на кривичното дело, односно Производство и дистрибуција на детска порнографија или друго кривично дело не се евидентирани во дејствијата на кој било од учесниците.

Постапката на обвинителството следуваше по пријава на родител на една од учесничките на настанот до СВР Скопје, во која се посочува дека настанот не бил само со едукативен карактер, туку дека во него има елементи на детска порнографија. Истовремено, родителот навел дека според неговите сознанија таму се прикажувале пози на деца кои содржат сексуален мотив и дејствија кој прикажуваат очигледно полово дејствие.

Обвинителство ќе истражува што се случило минатиот викенд во извидничкиот камп

„Сите испитани инволвирани учесници, почнувајќи од волонтерите водичи преку самите извидници кои учествувале на настанот, наведуваат дека станува збор за настан кој се одвивал во повеќе етапи. Покрај класичните извиднички дејствија, а тоа е преминување одредена територија пешки, врзување јазли, логорување, подготовка на храна и слично, биле додадени и вежби и активности кои што претставуваат сексуална едукација на лицата кои што учествувале со нагласка дека станува збор за лица на возраст од 16-21 година“, соопштија од обвинителството.

„Дејствијата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост. Ова било спроведено низ игри и вежби, за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби  може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствијата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот“, додаваат оттаму.

Истовремено, од обвинителството велат дека во прибавните материјали од одземениот мобилен телефон од учесник, кој според подносителот на пријават го фотографирал настанот, не можело да се забележат содржини кои имаат елемент на порнографија или детска порнографија.

Случајот во јавноста го обелодени „Слободен печат“ каде беа објавени сведоштва на родители, чии деца биле дел од кампот каде тврдат дека од нив се барало да глумат секс пози, да симулираат секс, да се соблекуваат, а организаторите на кампот посочија дека игрите биле погрешно протолкувани.