Привремена комисија на Јавното обвинителство ќе следи евентуални изборни нерегуларности

Евентуални изборни нерегуларности на претстојните локални избори, закажани за 17 октомври, ќе следи и привремена комисија на Јавното обвинителство, со која ќе претседава јавниот обвинител Џељаљ Бајрами. Членови ќе бидат и јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.

Одлуката за привремената комисија е донесена од Бајрами, а таа се формира бидејќи, како што велат од Обвинителството, настаните поврзани со изборите се од општ интерес на јавноста.

„Членовите на комисијата, како и вработените вклучени во нејзината работа, на дневна основа ќе ги следат сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик“, соопштува Јавното обвинителство.

Од таму ги повикуваат граѓанските организации, политичките партии, домашните и меѓународни институции и сите лица кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата, на електронската адреса izbori@jorm.mk.

Електронската адреса за пријавување на изборни нерегуларности е објавена и на интернет страницата на Јавното обвинителство www.jorm.gov.mk.