„Лице в лице“ ги објави победничките дела од повикот за млади креативци „Осмели се, инспирирај, промени – Политичкиот интегритет низ очите на младите“.
„Добивме 31 дело со силни и храбри визуелни пораки за корупцијата, одговорноста и општествените вредности. Жири комисијата се одлучи за трите најдобри, а уредничкиот тим на ‘Лице в лице’ доделува и една специјална награда“, посочуваат организаторите од улично списание за одржлив развој.
Две дела со највисоки оценки се од иста авторка, 23-годишната Андријана Весовска од Скопје.
„Нејзините дела се издвојуваат со исклучителна концептуална проникливост и силна визуелна метафора, која на разбирлив и моќен начин ја прикажува замрсената врска помеѓу политичката моќ и нејзините последици врз секојдневниот живот“, соопштуваат од списанието.


Второнаграденото решение е за делото на 21-годишната Бисера Ќурчинска од Куманово.
„Ова дело импресионира со оригинален пристап и висока комуникациска сила, успевајќи сложена општествена тема да ја претвори во визуелна порака што поттикнува размислување и лична реакција, особено кај младата публика“, велат од „Лице в лице“.

Трето-награденото дело е на 22-годишната Аника Цветановска од Скопје.
„Нејзиното дело се одликува со впечатлив визуелен квалитет и инклузивна порака, сугерирајќи преку многу ситни детали, кои бараат внимателност и гледање подлабоко, за да се види големата слика“, посочува организаторот.

Уредничкиот тим на „Лице в лице“ додели специјалната награда на 26-годишната Климентина Соколовска од Македонска Каменица, за постерот насловен „Дишеме изговори“.
„Делото на минималистички начин ја покажува особена автентичност, општествена чувствителност и силен активистички потенцијал, во целосна согласност со вредностите што ги негува ‘Лице в лице’“.

Од „Лице в лице“ објаснуваат дека топ 10 дела ќе бидат дел од настан – дебата и изложба, кој ќе се одржи на 11 февруари во ЕУ Хаус Струга и ќе добијат медиумска видливост.
„Сите пристигнати дела од повикот ќе бидат дел од нашата виртуелна галерија во периодот што следува“, соопштуваат од списанието.



