Нова поетска платформа „Фуснота“ – „на македонската поетска сцена ѝ недостасува читаност“

Фуснота“ е македонска поетска платформа создадена од соработката помеѓу поетите и уметници Драгана Евтимова и Владимир Лукаш.

„Фуснота“  е здружение за развој и едукација на културата и уметноста се стреми да ја зајакне едукацијата на граѓаните за важноста на културата и уметноста, особено на младата популација, со цел подобрување на состојбите на културата и создавање на поквалитетен културен живот.

Меѓународниот проект „Шири поезија, а не страв“, формиран од малтешкиот поет Антоан Касар во ноември 2015 година, функционирал во форма на „Фејсбук“ страница на англиски јазик. Во склоп на проектот биле организирани бројни поетски читања.

Евтимова и Лукаш, создале македонска страница за ширење на проектот „Шири поезија, а не страв“, со цел македонската поезија да биде достапна во пошироки рамки.

На „Фуснота“, граѓаните ќе можат да читаат македонски и странски поети, новитети, критики за поетски книги и мислења од поети за состојбата на поезијата, како и нивни искуства.

„Главни активности на Фуснота се дефинирање на културните дејности, соработка со други исти или слични здруженија од земјата и странство. Истовремено, македонската поетска платформа ќе работи и на полето за културна размена, иновативна организираност и перспективност, поттикнување на развојот на соработката меѓу градовите, зајакнување на меѓународната конкурентност и културен активизам“, велат тие.

На македонската поетска сцена ѝ недостасува читаност

Според креаторите на „Фуснота“, освен промоцијата на македонската поезија, платформата цели да придонесе и кон пошироко активистичко здружување.

„Веќе реализиравме една интересна антологија, која го носи насловот „Игропис“. Тоа е само обид да се направи хибридна форма на книга, каде што сликата се обидува да се соедини со зборот. Овој вид на медиум – порака е начин да се направи вкрстена естетска вредност, еден вид на социјален експеримент, каде што песните може да се читаат и преку цртеж“, велат креаторите, додавајќи дека на македонската поетска сцена и недостасува читаност.

Во антологијата „Игропис“, се застапени домашни поети и поетеси од различни генерации, а вклучени и се цртежи на Владимир Лукаш, во вид на минијатурни реконструкции.

Според Евтимова и Лукаш, понатамошниот развој на „Фуснота’ ќе цели кон организирање на настани, медиумска видливост на здружението, организирање на семинари и печатење на книги и брошури во врска со дејноста на здружението и неговите активности.

„Фуснота е производ на реконструкција на секаков вид уметничка форма. Сите што имаат некаква идеја, визија или желба да споделат или реализираат нешто, слободно може да ни пишат на footnote.association@gmail.com“, порачуваат креаторите.

И.С.