Нов закон во Непал ќе го казнува ритуалот со изолирање на девојките за време на менструалниот циклус

Владата во Непал воведе нов закон кој има за цел да ја запре праксата на принудување на жените кои се во менструален циклус, или кои неодамна се породиле, да спијат надвор од својот дом, во колиба или барака.

Според законот, секој член на семејството кој принудува жена да практикува „чаупади“ – непалски термин кој се користи за менструална изолација, ќе биде казнет со затвор од три месеци и/или парична казна од 30 долари.

Тојам Раја, портпарол на Министерството за жени, деца и социјална благосостојба, изјави дека новиот закон ќе започне да се спроведува до наредната недела.

Промената доаѓа откако во јавноста се прошири веста за три смртни случаи кај жени што практикувале „чаупади“ во последните десет месеци. Противниците на овој ритуал го поздравуваат законот, кој помина во Собрание во средата, како правна победа со која се покажало дека владата сериозно го сфаќа проблемот. Но, дел од активистите за женски права се скептични околу тоа дали законот може да ги промени длабоко вкоренетите верувања. Исто така, не се знае како ќе се спроведува законот.

„Чаупади“, кој потекнува од Хинду културата, се спроведува во дел од заедниците кои веруваат дека жените кои имаат менструација може да предизвикаат лоша среќа, како болест во фамилијата или неуспех на посевите. „Чаупади“ може да се практикува во различни форми, но најчесто значи дека жените и девојките спијат одвоено од својата куќа, што ги изложува на опасност. 18-годишна девојка починала од каснување на змија додека престојувала во една од бараките минатиот месец. 15-годишна девојка починала од загушување со чад откако запалила огин за да се стопли во колибата во декември. Претходниот месец, пак, млада девојка починала од непознати околности додека престојувала во одвоената барака.

Врховниот суд на Непал го забрани овој ритуал во 2005 година. Но, се покажало дека е многу тешко да се запре кој било механизам за практикување на „чаупади“.

„Чаупади не запре, бидејќи немаше закон што ги казнува луѓето дури и по одлуката на Врховниот суд“, изјави Кришна Бакта Покрел, адвокат кој беше дел од изготвувањето на новиот закон.

Владина студија од 2010 година, открила дека 19 отсто од жените во Непал биле подложни на „чаупади“, но оваа бројка била поголема за 50 отсто во средината и западниот дел од земјата. До годинава, 60 отсто од луѓето во западниот регион не ни знаеле дека ритуалот е незаконски, според истражувањето што го спровеле две невладини организации.

Новиот закон е дел од серија мерки кои треба да го заменат стариот кривичен закон во државата, наречен Мулуки Аин.