Нов вид на орангутан откриен во Индонезија

Нов вид на орангутан е откриен на северот на Суматра во Индонезија. Ова откритие е објавено во научна студија, во која се наведува дека поради малиот број на овие животни, тие влегуваат во една од најзагрозените видови на човеколиките мајмуни.

Тоа е прв потврден нов вид на овие големи мајмуни од 1929 година, кога биле откриени во Демократската Република Конго, наведуваат биолозите чии трудови се објавени во американскиот магазин „Современа биологија“.

Најновиот член на семејното стебло на овие животни можеби нема да опстои уште многу долго, пренесуваaт светските медиуми.

Според студијата, објавена во вторникот, постојат само 800 единки од овие примати, кои научниците ги нарекоа „тапанули“ (Pongo tapanuliensis), правејќи ги најзагрозен вид на мајмуни.

Научниците наведуваат дека тоа се многу чувствителни животни и дека нивната животна средина е во постојана закана поради активностите на човекот.

„Доколку набрзо не преземеме мерки за да се намалат сегашните и идните закани за шумите, можеби ќе видиме и откриеме изумирање на еден вид голем мајмун во нашиот век“, предупредуваат научниците.

Ова е прв нов вид од големите мајмуни во последните 90 години. Претходно, научниците признаа шест други видови големи мајмуни: орангутани од Борнео и Суматра, источни и западни горили, шимпанзо и бонобо.

Анализата на гените на 37 орангутани, кои биле испитувани на Универзитетот во Цирих, ја појасни нивната историја на еволуција.

Индонезиските мајмуни „тапанули“ престојуваат во шумата Батанга Тор на северот од Суматра, која се простира на 1 100 квадратни километри. Историски тие најверојатно биле изолирани од суматранските орангутани кои живеат посеверно веќе 10 000 до 20 000 години, што е утврдено со генетско испитување.

Научникот Расел Митермајер, еден од 37-те автори на студијата, рече дека се работи за значајно откритие и дека се надева оти индонезиската влада ќе осигура овој вид да преживее.

Првите индикации за овој специфичен вид, биле забележани на скелет на возрасен мажјак убиен во 2013 година. Кога научниците ги испитале коските и забите, констатирале дека се разликува од останатите орангутани.