Норвешка, Ирска и Шпанија ќе ја признаат Палестина како држава

Норвешка, Ирска и Шпанија официјално ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај, пишува „ЦБС њус“.

Според премиерот на Норвешка, Јонас Гар Стоере, решението со две држави е најдобра опција за Израел, а целта по признавањето на Палестина е да се постигне палестинска држава која е политички кохезивна.

„Норвешка ќе ја признае независната палестинска држава со надеж дека тоа ќе помогне да се постигне мир со Израел“,  изјави денеска на прес – конференција премиерот на Норвешка Јонас Гар Стоере.

Покрај Норвешка слични ставови имаат и Ирска и Шпанија.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез денеска изјави дека и Шпанија ќе ја признае државата Палестина. Во своето обраќање, тој рече дека со признавањето на Палестина, Шпанија нема да застане против никого.  

„Знаеме дека оваа иницијатива нема да ги врати минатото и животите изгубени во Палестина, но веруваме дека ќе им даде на Палестинците две работи кои се многу важни за нивната сегашност и нивната иднина: достоинство и надеж“, рече Санчез.

Ирскиот премиер Сајмон Харис во својата изјава денеска рече дека признавањето на Палестина е координиран потег со Шпанија и Норвешка, но и историски и важен ден за Ирска и за Палестина. 

Тој додаде дека овој потег има за цел да помогне да се реши израелско-палестинскиот конфликт и да се создадат  две држави.

Покрај овие три држави, и Словенија и Малта во изминатиот период најавија дека планираат да ја признаат Палестина, тврдејќи дека решението со две држави е суштинско за траен мир во регионот.