#НизТвојотОбјектив – „Магични светови или Мои светови“ од Андријана Антова

Во рубриката #НизТвојотОбјектив денес откриваме дел од опусот на Андријана Антова, студентка на графички дизајн на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН.

Антова во моментов работи и како графички дизајнер, но покрај тоа вели дека се занимава со фотографија.

„Омилен дел од фотографијата ми е содржината. Приказната. Она кон кое секогаш се движам е да претставам одредена приказна на мој посебен и специфичен начин. Најмногу сакам да фотографирам луѓе, кои што исто така се и главната инспирација за моите фотографии, како и секојдневните моменти, општеството, природата, сонот,… Многу често преку фотографијата сакам да градам светови. Оние кои ја преминуваат реалноста. Магични светови или Мои светови. Сметам дека на тој начин можам да ја пренесам вистинската емоција и приказна, на не толку директен начин туку на начин каде и оној кој ќе ја види фотографијата ќе си ја изгради содржината“, открива таа.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.