Независниот театар „Златен Елец“ слави 4 години постоење

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје оваа година ќе заокружи четиригодишно постоење.

„Во 2020 година првите одиграни претстави на овој независен театар, беа дел од ретките културни збиднувања за време на короната. Во јули, истата година, овој театар имаше единствена премиера и изведба на театарска претстава после неколку месеци во Македонија и на Балканот воопшто, првата претстава „Не ми го чепкај пивото!“ во режија на Ѓорѓи Ризески. До сега театарот има 18 претстави и уште неколку други проекти. Основачи на Театар „Златен Елец“ се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова“, велат од театарот.

Роденденскиот месец го одбележуваат со богата програма која започна вчера (18 февруари, недела) со изведба на Овој роденденски најновата претстава за деца „Чудесниот напиток“ – авторски проект на Надица Петрова која беше одиграна во Јавна Соба во Скопје. Вчеравечер на репертоар беше монодрамата „Пингвинот“ – авторски проект на режисерката Тамара Стојаноска.

Програмата продолжува на 26 февруари кога во театарот во Велес ќе се изведе третата изведба на претставата „Добри луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, а на 28 февруари во Јавна Соба, Надица Петрова ќе настапи со нејзината стендап комедија „Не се курчи!“. Истата вечер во Прилепскиот театар ќе се одигра четиринаесеттата изведба на претставата „Грета“.

„Почетната цел на овој театар е развојот на независната сцена на овие простори, место за сите невработени актери кои сакаат да творат независно, поттикнувајќи се од ситуацијата со театарот и културните работници во Македонија.Финансиската поддршка можеби е најголемиот проблем со кој се соочуваме, институциите што финансирааат најчесто не го гледаат потенцијалот на овој театар зашто досега само еднаш има добиено државни пари на име на театарот, во 2021 година. Досегашното искуство со независниот театар ни вели дека Македонија е жедна за театарот, за „новиот“ театар кој уште подиректно и се обраќа на публиката денес. Кога гостуваме со било која претстава, без разлика дали е за деца или возрасни, топлината на луѓето во внатрешноста на државава што доаѓаат на претставите е посебна и заслужува подеднаков третман како публиката во Скопје.
Заинтересираноста е голема и тоа е она што нè тера да се вратиме секогаш во било кој град со друга претстава“, велат од „Златен Елец“.

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот „Актерот на Европа“ во Ресен(2020), беше наградена за најдобар актер (Преспански Дионис), а две години подоцна актерката Димитрина Мицковска Трајковска освои награда за најдобра актерка на фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино за претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска.

Минатата година, дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска, освои две награди, за најдобра независна Македонска продукција на фестивалот „Млад отворен театар“ Скопје, наградата „БИШ“ и на фестивалот на дуодрама во Неготино, главната награда „БРАНКО ЃОРЧЕВ“ за најдобра партнерска игра за актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.

До сега театарџиите од „Златен Елец“ имат играно насекаде низ Македонија, а сме биле и на два меѓународни фестивали во Турција и Србија.

„Сакаме да изразиме особена благодарност до сите соработници, а најмногу до институциите и објектите кои ни отстапуваат простор за да ги работиме и играме претставите. – истакнуваат основачите. Во текот на годинава и покрај неоодобрените средства од Министерството за култура, независниот театар ќе најде начин за новите проекти кои има во план да ги работи, а во чест на наградата ‘БИШ’ од минатата година, годинава театар ‘Златен Елец’ треба да подготви претстава за фестивалот МОТ 2024 година во соработка со Младинскиот културен центар од Скопје“, велат тие.

[Видео] Театар „Златен Елец“: Нешто што нѐ води е пасијата која ја имаме, не е само револтот