„Не е шега: дискриминација и цензура“ од 1 до 10 април во Музеј на Македонија

Во периодот од 1 до 10 април во Музеј на Македонија ќе се одржи настанот „Не е шега: дискриминација и цензура“. Овој настан ќе содржи изложба на плакати, кино проекција, трибина, работилница, промоција на книга и џез концерт поврзани со дискриминацијата и цензурата во денешните и минатите општества.

Изложбата е резултат на соработката помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Музеј на Македонија.

Првичната идеја за овој настан произлегува од соработката помеѓу Правниот факултет и Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што се реализираа студентски конференции и изложби на плакати поврзани со дискриминацијата и цензурата. Оваа институција во соработка со Музеј на Македонија ги прошири содржините поврзани со овие теми, така што освен изложбата вклучува и други активности во кои ќе се дискутира за овие исклучително битни и сè уште актуелни општествени процеси.

„Не случајно овој настан започнува на 1 Април, денот на шегата, која што не ретко се однесува на исмевање на другиот. Во таа смисла, исмевањето претставува опасна подлога за говор на омраза, дискриминација, дури и цензурирање на другоста. Затоа овој настан преставува вистинска можност да се прикажат формите на дискриминација и цензура, но воедно и да се говори за нив во рамки на македонското општество коешто изобилува со дискриминација по многу основи: национална, верска, политичка, сексуална, родова, културна, научна итн. Од тие причини, овој настан ќе има за цел да истакне дека единственото нешто што заслужува да биде дискриминирано е цензурата, и дека само дискриминацијата треба да биде цензурирана“, велат организаторите.