„Настрано заедничко“ – Викенд на гордоста од 2 до 9 јуни во Скопје

Дветиот по ред Фестивал за квир култура, уметност и теорија „Викенд на гордоста 2021“ ќе се одржи од 2-ри до 9-ти јуни на повеќе локации во Скопје.

Темата на овогодишното издание е „Настрано заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти“, а настани ќе се организираат во Музејот на современа уметност (МСУ), КСП ЈАДРО и кафе барот Шортбас.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО.

„Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти. Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи“, велат од тимот на „Викенд на гордоста 2021“.

Фестивалот ќе биде отворен на 2 јуни, во 20:30ч во МСУ, со ретроспективна изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот. Публиката ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте, легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио.

Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и: танц триото „STEAM ROOM“, потоа перформанс колективот СПИЗ! Од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП ЈАДРО, и џез триото Светлост.

И оваа година на Фестивалот ќе има предавања – на Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на Франко Б. Публиката ќе може да проследи и диџеј сетови на Вера вендета и Ивана Драгшиќ.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со уреден зборник текстови од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антоио Негри и други.

Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија, која според организаторите има цел да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата. Повеќе детали може да најдете на следниов ЛИНК.