Наставници учат како да предаваат претприемништво

Повеќе од 150 наставници од средните училишта кои предаваат предмети поврзани со претприемништвото денеска ја започнаа обуката на тема „Како се предава претприемништво?“, организирана од Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет.

Фото: Нова Македонија

Фото: Нова Македонија

На обуката, чија цел е промовирање на претприемничкиот дух, развивање на креативноста и иницијативноста кај младата популација, на наставниците ќе им се пренесат најновите трендови за предавање на предметите поврзани со претприемништво, за да можат тоа да го пренесат на учениците во средните училишта.

Своите искуства за време на неколкудневната обуката ќе им ги пренесе експертот Енди Пеналуна од Свонси Универзитетот од Велс, воедно и претседател на мрежата за претприемачко образование на Обединетото Кралство.

Експертот Пеналуна нагласи дека тренингот е огромен предизвик за него, бидејќи значи менување на начинот на мислење, а не само добивање на знаење.

„Знаењето е многу битно за предизвиците со кои се соочуваме во време на индустријализацијата. Но, сепак денеска вештините се менуваат и бараат нови начини знаењето да им помогне на заедницата и општеството“, рече Пеналуна.

Проф. Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет посочи дека новите генерации се повеќе имаат осет на претприемништво.

„Од година на година се повеќе се чувствува нагорен тренд во збогатувањето на мислата и начинот на размислување и во проактивноста кај младите генерации“, нагласи Поленаковиќ.