Наставникот на годината во САД со протестни беџови ја прими наградата од Трамп

Наставничката Менди Менинг, која предава на млади бегалци, изрази тивок протест носејќи повеќе беџови со политички пораки, додека американскиот претседател Доналд Трамп и ја доделуваше наградата во Белата куќа.

Менинг на својата облека имала шест беџови, еден од нив со постер на „Женскиот марш“ кој се случи веднаш по инаугурацијата на Трамп, а на друг беџ стоела пораката „Еднаквост за транс лицата сега“ и еден во облик на јаболко со виножито, пренесува Гардијан.

Другите беџови ја отсликувале и програмата за наставник на годината, Националната асоцијација за образование и Мировните трупи, каде ја започнала својата кариера како наставник.

Додека и ја врачувал наградата, Трамп изгледал како да не ги забележал симболите, а во изјавата пред медиумите ја потенцирал „неверојатната посветеност“ на Менинг.

„Наставниците како Менди играат значајна улога во благосостојбата на нашите деца, силата на нашата заедница и успехот на нашата нација“, рекол Трамп.

Менинг по настанот, за Асошиејтед Прес, изјавила дека по церемонијата искористила момент кога биле на само со Трамп за да му врачи куп писма напишани од нејзините ученици, во кои имало важни пораки околу тоа што им значи доаѓањето во САД на имигрантите и бегалците.

„Имав само мал, многу мал момент, па сакав да му порачам дека учениците на кои им предавам се посветени и фокусирани. Тие ги прават САД прекрасно место какви што се“, изјавила Менинг.

Традиционалниот настан се случува во период кога се случуваат големи протести и штрајкови на наставници во Аризона, Колорадо, Кентаки, Оклахома и Западна Вирџинија околу ниските плати.

Политиката на Трамп сака да ја намали и легалната и нелегалната имиграција во САД, а времено ја суспендираше и државната програма за бегалци. Тој побара изградба на ѕид на границата со Мексико за да се ограничи влезот во САД на, како што има изјавено, „убијци, нарко-банди и други криминалци“.