Режисерот Питер Вир ќе го добие „Златниот лав“ за животно дело на Венецискиот филмски фестивал

Австралискиот режисер и сценарист на „Шоуто на Труман“, „Друштвото на мртвите поети“ и „Галиполи“, Питер Вир ќе ја добие престижната награда за животно дело „Златен лав“ на годинешниот Венециски филмски фестивал.

„Со вкупно 13 режирани филмови во рекот на 40 години, Питер Вир обезбеди место во сводот на големите режисери на современата кинематографија“, изјави уметничкиот директор на фестивалот, Алберто Барбера.

Барбера ја пофали способноста на 79-годишниот режисер да го балансира интегритетот и комерцијалниот успех во „храбриот, ригорозен и спектакуларен филмски опус“.

„Вир ги комбинира размислувањата за личните теми и потребата да допре до што поширока публика. Прославувајќи го вкусот за раскажување приказни и вродениот романтизам, Вир ја зајакна сопствената улога во холивудскиот естаблишмент истовремено држејќи се на дистанца од амриканската филмска индустрија“, рече Барбера.

Вир, за наградата на Венецискиот фестивал изјави: „Венецискиот меѓународен филмски фестивал и неговиот ‘Златен лав’ за животно дело се дел од фолклорот на нашиот занает“.

„Да се биде издвоен како добитник на награда за животно дело како режисер е посебна чест“, рече тој.

Вир за својата работа како режисер, сценарист и продуцент има добиено шест номинации за Оскар. Во 2022 година тој стана првиот австралиски режисер кој добил почесен Оскар.

81. издание на Венецискиот филмски фестивал ќе се одржува од 28 август до 7 септември.