Наставниците сами да одлучуваат дали сакаат настава онлајн или со физичко присуство, побара Прогресивниот синдикат за образование

Прогресивниот синдикат за образование (ПСЕ), кој е член на Сојузот на синдикатите на Македонија, побара Министерството за образование и наука да дозволи наставниците на наставнички совети да можат да одлучат дали наставата во училиштата ќе се одржува со физичко присуство или онлајн.

Тие ова барање го образложуваат со започнување на сезоната на грипови, влошување на состојбите со пандемијата од Ковид-19, како и енергетската криза во Северна Македонија.

„Бараме од МОН да дозволи наставниците на наставнички совети да можат да одлучат дали наставата да ја држат со физичко присуство или преку интернет во периодот од 1 ви декември 2021 се до 31 март 2022 година. Доколку состојбите со пандемијата се подобрат учениците би можеле во последното тримесечие да се вратат во училишните клупи и со успех да ја завршат учебната 2021/22 година. Овие измени освен здравствена заштита ќе овозможат и заштеда на енергија, како и помало загадување од училиштата што се затоплуваат со други горива“, вели претседателот на ПСЕ, Влатко Секулоски.

Од Синдикатот препорачуваат и итно решавање на статусот на околу 4.000 вработени во образованието кои работат со договори на определено време.