НАСА објави повик за 14 астронаути, се пријавиле 18 300 кандидати

Повеќе од 18 300 луѓе се пријавиле да се приклучат во астронаутската класа на НАСА во 2017 година, речиси три пати повеќе од бројот на апликации примени во 2012 година и далеку надминувајќи го претходниот рекорд од 8000 во 1978 година.

„За мене воопшто не е чудно што толку многу Американци со различни позадини сакаат да придонесат лично во трасирањето на нашата патека до Марс“, изјави администраторот во НАСА Чарли Болден, кој воедно е и поранешен астронаут.

„Неколку исклучително талентирани мажи и жени ќе станат астроунаути избрани за оваа група, кои уште еднаш ќе заминат во вселената од американската почва, со американско вселенско летало“, додаде тој.

Повикот отворен од 14 декември, а затворен во четвртокот претставува почеток на 18 месечен процес што ќе заврши со селекција на 8 до 14 поединци за можноста да станат астронаути. НАСА планира да го објави својот конечен избор во средината на 2017 година.

Дотогаш, одборот за избор на НАСА ќе ги разгледува пријавите и ќе го оценува квалитетот на кандидатите. Потоа, одборот ќе ги покани кандидатите кои се покажале високо квалификувани на интервју во вселенскиот центар во Хјустон.

Откако одборот ќе го соопшти својот конечен избор, кандидатите ќе поминат две години на почетна обука за системи на вселенски летала, вселенски вештини и тимска работа, руски јазик и на други потребни вештини.

Оние кои успешно ќе ја поминат обуката ќе им се дадат технички обврски во рамки на астронаутската канцеларија во Џонсон пред да ги назначат за некое од четирите вселенски летала.