Најмалку 16 мртви на протестите во Газа, Обединетите Нации бараат независна истрага

Во Палестина денеска е ден на жалост откако најмалку 16 луѓе загинаа во судири со израелската војска на пограничната зона во Покраината Газа во петокот.

Уште стотици луѓе се ранети откако Палестинците започнаа серија протести со барање за право да се вратат во поранешните домови на нивните семејства кои се наоѓаат на територија која денеска е Израел. Израелските власти велат дека војската отворила оган откако протестите ескалирале во нереди.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш побара независна истрага за смртните случаи, пренесува ББЦ.

Петочниот ден е најсмртоносниот во израелско-палестинскиот конфликт уште од војната во Газа од 2014 година. Советот за безбедност на ОН на вонредна седница го осуди насилството.

„Израел мора да се држи до своите обврски според меѓународните човекови права и хуманитарното право“, посочил Заменик-директорот на ОН за политички прашања, Таје-Брук Зерихун.

Во пишано соопштение, пред седницата на Советот, израелскиот амбасадор во ОН, Дени Денон, за крвопролевањето ги обвинил Хамас, милитантната група која го контролира Појасот Газа, кој е палестинска територија.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас пак, изјавил дека израелските власти имаат „целосна одговорност“ за смртните случаи.

Илјадници Палестинци маршираа на границите на почетокот на шест-неделниот протест, наречен „Големиот марш за враќање“. Целта на протестот е она што Палестинците го сметаат за нивно право да се вратат во градовите и селата од каде нивните семејства биле иселени или протерани кога е создадена државата Израел во 1948 година.

Милитантната група Хамас, која го контролира Појасот Газа од 2007 година, не го признава Израел, но последнава година изјавиле дека се подготвени да прифатат времена држава Палестина ограничена на Газа и Западниот Брег.

Палестинците подигнале пет кампови во близина на границата како протест, додека израелските воени сили го удвоиле своето присуство на границата која ја контролираат.

Иако поголемиот дел од демонстрантите се наоѓале во шаторите, некои групи на млади ги игнорирале повиците на организаторите, кои барале да се избегнува приближување до граничната ограда, и се приближиле до израелските позиции.

Израелската војска вели дека нивните трупи пукале кон главните провокатори за да го спречат нередот, во моменти кога преку оградата биле фрлани молотови коктели и камења.

Палестинската страна го обвинува Израел за користење несразмерна сила. Покрај границата биле поставени тенкови и снајпери, а очевидци посочиле дека бил користен и дрон за испуштање на солзавец на најмалку една локација.