Најголемите компании не ги исполнуваат сопствените климатски цели, покажува нова студија

Мнозинството од најголемите светски компании не успеваат да ги достигнат сопствените цели за справување со климатските промени, покажува нова студија која анализирала 25 корпорации.

Компаниите истовремено на рутинска база го преувеличувале, или погрешно го пријавувале својот напредок, велат од Институтот за нова клима, кои ја изработија студијата.

Меѓу брендовите кои не успеваат да направат брзи промени за ублажување на климатските промени се и Гугл, Амазон, Икеа, Епл и Нестле.

Дел од компаниите за Би-Би-Си изјавиле дека не се сложуваат со некои од методите кои се користеле во студијата, додавајќи дека се посветени на активности за намалување на климатските промени.

Анализираните компании сочинуваат 5% од вкупното светско производство на стакленички гасови, што значи дека заедно имаат огромен јаглероден отпечаток и имаат можност да ги предводат напорите за лимитирање на климатските промени.

Штетните емисии се создаваат од разни корпоративни пракси – од транспорт на материјали, до енергијата која се употребува во фабриките и продавниците. Јаглеродниот отпечаток од земјоделство и сечење дрвја исто така се вбројува во листата.

Студијата дава рејтинг во вид на „интегритет“ на секоја од анализираните компании. Истражувањето покажало дека дел од компаниите имаат добри постигнувања во намалување во емисиите, но сите бизниси можат да се подобрат. Ниту една од компаниите не добила „висок интегритет“.

Највисок интегритет оваа година добила данската транспортна компанија Маерск, која е единствена во категоријата „добар интегритет“, додека „умерен интегритет“ имаат Епл, Сони и Водафон.

Најнизок интегритет, пак, добиле компаниите Нестле, Унилевер, Новартис, БМВ, Керфур и други.

Само три од 25-те компании имаат цел да отстранат 90% од своите јаглеродни емисии при нивната работа. Тоа се Маерск, Водафон и Дојче Телеком.

Во студијата биле разгледувани фактори како годишно информирање за емисиите, давање податоци за изворите на емисиите и откривање информации на разбирлив начин.

Во студијата се заклучува дека доколку планираните стратегии се имплементираат, емисиите би се намалиле најмногу до 40%.

Авторот на студијата, Томас Деј, за Би-Би-Си рекол дека неговиот тим првично сакал да ги открие добрите пракси во бизнис светот, но во истражувањето биле изненадени и разочарани на севкупниот интегритет на тврдењата кои ги давале компаниите.

Компаниите имаат воспоставено свои цели во поглед на климатските промени. На пример, Гугл ветува дека нема да произведува јаглероден отпечаток до 2030 година, додека Икеа тврди дека ќе имаат позитивен отпечаток кон климата до 2030 година.