Најава за марш и протести против дигитализацијата на учебниците, од МОН велат дека промените не се избрзани

Мирни протести низ повеќе градови и мирен марш во Скопје најавија родтелите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, откако денеска до крај на работното време, не добиле официјален одговор од Министерството за образование во однос на нивните барања доставени и разговарани на работната средба одржана во четвртокот. Деталите за идните протести ги најавија за утре, на прес конференција.

Непосредно по овие најави, од МОН испратија допис до медиумите во кој даваат одговор на барањата на иницијативата.

Оттаму велат дека во однос на обвинувањата за избрзани промени, велат дека планот за промените поврзани со наставата во основните училишта, како новата Концепција за основно образование, изработката на нови наставни програми и нов Закон за учебници бил предвиден со програмата за работа на Владата и со Стратегијата за образование 2018-2025. Додаваат дека промените се базирани на резултатите од конкретни анализи за квалитетот на националниот образовен систем изработени од кредибилни меѓународни институции како ОЕЦД и УНИЦЕФ.

„Мотив за промените се и долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС, но и барањата на наставниците, на многу генерации на ученици и нивните родители/старатели кои укажуваа на слабостите на националниот образовен систем, вклучително и на недоследности, нелогичности и дискриминаторски содржини во учебниците, а на сето тоа се одговараше со парцијални реформи кои не го дадоа очекуваниот ефект“, велат од МОН.

Во однос останатите  барања од МОН ги повторија своите ставови, како тоа дека дигитализацијата на учебниците ќе се одвива етапно за учениците од четврто одделение па нагоре, како и дека нема да се дозволи ниту едно дете да биде исклучено од образовниот процес. За барањето на иницијативата за исклучување на сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование, од МОН повторија дека образованието има клучна улога во создавањето можности за трансформација на штетните родови норми и обрасци на однесување.

Во одговорите на барањата на родителите од Минстерството меѓу останатото велат и дека инклузијата е основен принцип на новата концепција, како и дека со интегрирањето на наставните предмети во повисоките одделенија нема да биде намален вкупниот број на часови од научните области кои и до сега се изучувале преку различни наставни предмети.

Претставници на МОН во четврток се сретнаа со претставници на иницијативата „Учебници и настава мора да има“. Веднаш по средбата, од иницијативата го ставија во мирување бојкотот на настава, во очекување на денешните одговори од МОН.

Бојкотот на наставата во мирување по средбата на групата револтирани родители и МОН